„Телеграф“: Ја поместија и Брегалница за да го постават гасоводот Клечовце-Штип

Фото: Телеграф.мк/ Радован Вујовиќ
Фото: Телеграф.мк/ Радован Вујовиќ

Нова историја во македонската инфраструктурна енергетска карта се испишува со гасоводот од Клечовце до Штип, кој екипата на „Телеграф“ имаше ексклузивна можност да го помине во целата негова должина од 61 километар.

Стотина од повеќе од двесте работници кои го градат новиот магистрален гасовод од Клечовце до Штип и тоа декемвриско утро работеа на трасата долга 61 километар. Ден пред католички Божиќ, Телеграф ја помина целата траса – од нулта точка до пред Штип. Денот беше студен, но доволно сончев за да им овозможи добри услови за работа на работниците.

Релативно топлата зима досега овозможи работите да не застанат, а она што е извесно е дека оваа траса ќе биде завршена до јуни догодина, впрочем кога беше предвидено и со првичниот план. Тогаш или најдоцна до септември ќе протечат и првите количини гас.

1gasovod-klecovce
Фото: Телеграф.мк/ Радован Вујовиќ

Работниците и целиот тим кој е вклучен во овој проект, практично ја испишуваат новата историја во македонската инфраструктурна енергетска карта, пишува Телеграф.

До сега заварени и поставени се речиси 97 проценти од цевките кои го прават линискиот дел на гасоводот. Во следната фаза која треба да трае и пократко треба да се постават седум блок станици.

Домашна работна рака

Патот по трасата e почнат од нултата точка, близу кумановското село Клечовце. На тоа место овој дел од идниот гасоводен систем на Македонија ќе се приклучи на постојниот гасовод Крива Паланка – Скопје. На оваа точка се гледа само стартот од првата цевка, понатаму до десеттиот километар на пат кон Свети Николе рововите се покриени, цевките заварени и положени, но и исчистени.

Во тој дел патот, кој е направен за да се движи механизацијата, поминува низ порамен дел. До таму лесно се стигнува со теренско возило. Инаку според трасата, Свети Николе се заобиколува, а предвидено  е да има приклучно место за крак кон овој град и кон Велес.

Како што пишува Телеграф, на десеттиот километар почнува делот каде гасоводните цевки се положени во рововите, но не се покриени. Панорамската слика што ја овозможи ридскиот предел е фасцинантна.

Овој дел од гасоводната мрежа на Македонија ја изведува руската компанија „Стројтрансгас“, како компензација на клириншкиот долг кон поранешна СФРЈ од Руската федерација. На терен сепак работат македонски компании, домашни работници.

Знаевме дека ќе биде тешко, ни беше предизвик, ама бевме сигурни дека ние можеме сами. Опремата е од Русија, ама делото е македонско. Сите кои на каков било начин учествуваат во изработката поминаа потребни обуки, добија најнови сертификати за работа. И ние сме горди, оти покрај сите предизвици во последниот период се заваруваа и по еден километар цевки дневно – ели Стојанчо Стојмановски професор кој е надворешен соработник на фирмата што врши надзор на проектот, кумановската „Простор“.

Стојмановски е водич на екипата на Телеграф низ трасата. Од пролетва, секој ден е на терен. Сега е во пензија, а во себе носи исклучителна енергија која не ја штеди во комуникацијата со работниците.

Дел од нивите по кој поминува гасоводот сега се експропирани. Откако ќе заврши се, местата каде поминува механизацијата ќе бидат вратени во првобитната состојба, хумусот ќе биде сместен назад, за нов род на граѓаните кои ја поседуваат земјата.

Заварувањето во специјални шатори

Над 5.000 заварувања на гасоводните цевки до сега имаат направено работниците. На таков процес и екипата на Телеграф беше сведок некаде кај четириесеттиот километар на гасоводот. Станува збор за полуавтоматско заварување, а долж трасата се вршело и автоматско заварување, а некаде и рачно. Заварувањето се врши во специјални шатори оти цевките за време на тој процес не смеат да бидат изложени на надворешни влијанија, не смее да ги фати влага. По завршувањето на работата се замотуваат и се ладат постепено.