Македонија

Телеграма со сочуство од Иванов по повод смртта на Мирчев

Телеграма со сочуство од Иванов по повод смртта на Мирчев

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод смртта на професор Димитар Мирчев, упати телеграма со сочувство до неговото семејство.

Со голема тага ја примив веста за смртта на вашиот сопруг и татко, а мој колега и пријател, професор д-р Димитар Мирчев. Годинава, кога Република Македонија прославува четврт век од независноста се опростуваме од човекот кој сиот свој животен и професионален век го посвети на својата татковина. Како универзитетски професор и ментор на многу генерации, д-р Мирчев кај своите студенти ја поттикнуваше љубовта кон политичките науки, стои во телеграмата со сочувство.

Како специјален пратеник на претседателот на Република Македонија во процесот на меѓународно признавање, се наведува, тој се вгради во независноста на Република Македонија.

Како амбасадор тој ги продлабочуваше билатералните односи на Република Македонија со Република Словенија и во Светиот Престол. Проф. Мирчев беше посветен промотор на европската идеја во Република Македонија и како долгогодишен претседател на Европското движење во Република Македонија, но и како член на Националниот совет за Евро-интеграции на Собранието на Република Македонија. Како плоден публицист и луциден колумнист, тој беше неуморен критичар на политичките и општествените процеси во нашата земја. Своето големо научно, академско и дипломатско искуство и знаење несебично го стави на располагање како член на Советот за меѓународни односи на Претседателот на Република Македонија. Проф. д-р Димитар Мирчев во нашите сеќавања ќе остане како пример на интелектуалец којшто во целост ги исполнува критериумите на Имануел Кант за јавна употреба на умот, но и пример за јавна пристојност во јавниот простор. Со неговата смрт, Република Македонија изгуби вистински ангажиран интелектуалец, дипломат, општественик, а јас, пак, изгубив ценет универзитетски колега, мудар советник, но, пред се, личен пријател. Ве уверувам дека во овие тажни мигови, моите мисли и молитви се со Вас и Вашето семејство, пишува претседателот Иванов во телеграмата со сочувство до семејството на проф. д-р Мирчев.