Телеком и Т-Мобиле: Продолжува трендот на пораст во интернет и IPTV сегментот

Македонски Телеком и Т-Мобиле остануваат на водечката позиција и во првиот квартал од 2014 година. Продолжува трендот на пораст во интернет и IPTV сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги.

Во текот на првиот квартал од 2014 година, приходите од продажба на ниво на Групација изнесуваат 2.650 милиони денари што претставува намалување од  13,4% во споредба со истиот период во 2013 година. Оперативните расходи, во првиот квартал од 2014 година се намалени за 15 отсто споредено со истиот период од минатата година, додека вкупните капитални инвестиции (CAPEX) изнесуваат 150 милиони денари. Нето добивката пред оданочување е намалена за 11% во споредба со истиот период од минатата година.

Но, и покрај негативните трендови Македонски Телеком според интерните проценки зазема 66 отсто од пазарот во сегментот на фиксна телефонија и 52,2 отсто во широкопојасен интернет.

Наспроти падот на приходите од говорните услуги, приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол (IPTV) се зголемија за 3,8 отсто во споредба со истиот период од минатата година.

Фокусот на double и triple play пакетите донесе зголемување на DSL корисниците за 7,2 отсто со што корисничката база на DSL во првиот квартал на 2014 година е 189 илјади корисници.

Македонски Телеком има најголем удел на ТВ пазарот од 21, 7 отсто (интерна проценка). Бројот на IPTV корисниците е пораснат за 26,8 отсто во споредба со истиот период минатата година. Како резултат на квалитетната услуга, интерактивноста и единственото ТВ искуство, корисничката база достигна  91 илјада корисници.

Во мобилната телефонија и покрај силното конкурентно опкружување Т-Мобиле Македонија останува лидер на пазарот со 47,2 отсто удел (интерна проценка) и 1,2 милиони корисници.

Приходите од говорните мобилни услуги се намалени за 21,7 отсто како резултат на намалувањето на тарифите. Продолжи трендот на зголемено користење на мобилните услуги, при што во пакетите за иста цена се опфаќаат сé повеќе минути. Тоа резултираше со зголемување на бројот на минути на користење (MOU). Следствено забележан е пад на просечниот приход по корисник (ARPU) за 21%.

Приходите од неговорни услуги се намалија за 13,1 отсто во споредба со претходниот период, како резултат на помалиот број на испратени СМС, намалените интерконекциски цени на СМСS како и приходите од содржини.

Падот на овие приходи е делумно компензиран  со зголемените приходи од мобилен интернет и зголеменото користење на податочни тарифни модели.