Телевизиите не’ отруја, џабе кампањи против насилство врз жените

Удирање трудници, шлаканици како за добро утро, психичко малтретирање, сексуална и економска дискриминација на жени, се секојдневни сцени од многубројните турски серии со кои е преплавен македонскиот медиумски етер. Трагедијата да биде уште поголема, влијанието на пораките кои се емитуваат од овие серии е големо кај „верните гледачи“, кои работите почнаа да ги прифаќаат здраво за готово, па дури и да го поистоветуваат својот со менталитетот кој се исплетува преку секогаш тажните човечки судбини, во кои жените најчесто се потценети и недостојни да застанат исправено и да му се спротивстават на шовинизмот. 

И покрај напорите да се стави крај на насилството врз жените како еден од најголемите и глобални проблеми на денешницата, се чини дека работата се сведува само на краткотрајна кампања во текот на годината, иако за да се смени сликата, потребно е да се влијае во сржта на проблемот, однсно за почеток, да се подигне свеста на јавнота и секако да се делува превентивно. Но, свеста, тешко дека ќе се смени, доколку медиумскиот простор неконтролирано се узурпира со секаков вид на насилство врз жените, што особено се пропагира во турските серии според кои гладачите, по некоја инерција ги оформуваат и своите вредносни ставови.

Во моментот се оддржува кампања против семејното насилство, која ќе трае до 10 декември, кога се одбележува Денот на човековите права. Кампањата е со цел да се подигне свеста и да се поттикне акција против семејното насилство, како грубо кршење на основното човеково права, од што на светско ниво секоја трета жена страда во текот на својот живот.

Вера Цуракова, психолог, поддржувач на кампањата на Обединетите нации „16 дена активизам – Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата – Сега!“, која има долгогодишно искуство во работа со жени и девојчиња, жртви на насилство, потврдува дека турските серии се полни со агресија, особено со стереотипи поврзани со статусот и местото на жената во семејството и во заедницата.

„Нема турска серија каде жената не е малтретирана по некој основ, било емотивно, физички, вербално или економски. Значи, жената во овие серии е прикажана како нешто безвредно, а мажот како апсолутен поседувач на тоа битие. Ваквите сериии толку многу навлегоа во нашите домови што во недостаток на нешто попаметно и ние влегуваме во нивните животни сценарија, а за несреќа во сето тоа ги инволвираме и децата со содржини каде има тепачки, одмазда, болници, затвори и слично. Тоа дава многу лош пример за младите генерации за тоа како треба да се однесуваат кон другите, особено кон жените и не придонесува кон превенцијата на насилството, вклучително и тоа врз жените и девојчињата“, вели Цуракова.

На крајот се поставува прашањето каде е тука Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која дава зелено светло за емитување на вакви соджини во етер и за овој медиумски крах? Накрат0, ниската цена на вакви продукции кои  носат голем профит на телевизиите, очигледно е вистинскиот одоговор.