„Телма“ и „Алсат“ емитуваа партиски пропагандни спотови во време кога е строго забрането

Ад-хок телото за следење на медиумското претставување апелира до радиодифузерите и здруженијата на граѓани да го почитуваат Изборникот Законик во кампањите кои ги водат во текот на предизборниот период.
Реакцијата доаѓа откако две телевизии емитуваа спотови на фондацијата „Отворено Општество Македонија“, како дел од кампањата „Ние Одлучуваме’.

Спотот изработен за потребите на невладините финансирани од Сорос е речиси идентичен со спотовите и говорите на СДСМ, како и со нивните барања.
Членот на привремената Комисија за следење на медиумското претставување, Цветин Чилиманов потенцира дека станува збор за партиски пропаганден спот емитуван во време кога е строго забрането и важат најстрогите правила за нивно емитување.

Млади европски федералисти (ЏЕФ Македонија), Центар за одржлив развој на заедницата – Дебар, Здружение за развој и активизам „Аква“ – Струга, Здружение за локален развој „Акција Плус” – Ресен, Младински културен центар – Битола, Центар за стратегии и развој „Пактис” – Прилеп, Здружение за ширење на демократија и демократски принципи, човечки права и слободни „ПРОЕКТ-ЕУ” – Кавадарци, Организација на жени од Струмица – Струмица, Патокази – Гевгелија, Визио – Кичево, Регионален центар за одржлив развој – Кратово, Гласно – Штип, Фокус – Велес, КХАМ – Делчево, Фондација Отворено општество – Македонија, Фондација Метаморфозис, Македонски центар за европски образование, НВО Инфоцентар, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Центар за современи уметности, Младински образовен форум и Здружение за култура и уметност „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ), стојат како носители на акцијата „Ние одлучуваме! Бараме промени! Можеме подобро!“.

„Се работи за рекламни спотови на Аласат и Телма, платени од фондацијата „Отворено општетство“ позната како СОРОС и други невладини организации. По разгледување на пораките беше сфатено дека тајмингот, сликите, апсолутно асоцираат на СДСМ. Јасно е дека се работи за партиски пропаганден спот емитуван во време кога тоа е строго забрането, кога буквално се мери секоја минута и важат најстрогите правила за телевизиите, за партиите, и за тоа какви спотови може да емитуваат, во кое време и со какви пораки.

Имаме ситуација кога моќна и влијателна невладина организација брутално го крши тој закон, продуцира партиски спотови и се обидува да ги подметне на медиумите за нивна кампања.

Пораките во кои се напаѓа системот „Мој термин“ се упатува порака „Време е за промени“, алудира на пораки на СДСМ што ги има испраќано лидерот на опозицијата Зоран Заев и други партиски претставници“, посочува Чилиманов.

Членовите на ад-хок комисијата заклучиле дека има прекршување на изборниот законик кој предвидува забрана за емитување на партиски спотови како и на небележани спотови со партиска содржина, но сепак се одлучиле само да апелираат но не и да поведат прекршочна.

Цветин Чилиманов
Цветин Чилиманов

Чилиманов нагласува дека во невладиниот спот на СОРОС нема пораки од јавен интерес, туку тоа се пораки кои се дирекно координирани со СДСМ.

„Фондацијата Сорос смета дека имаат право брутално да го кршат законот, да продуцираат партиски спотови, да закупуваат комерцијален простор на телевизии и да ги емитуваат партиските спотови на СДСМ како наводно спотови на невладина организација. Бараме оваа пракса да престане и да почне да се почитува законот. Доколку продолжат со емитување „Телма“ и „Аласат“ може да заработат прекршочна пријава, ад-хок телото тогаш ќе мора повторно да се состане и да се види транспарентноста на еден член кој е во дирекна врска со фондацијата Сорос. Интересно е што токму тој член на Комисијата којшто секогаш е најгласен за казнување на телевизии, но само едни исти телевизии, сега ќе треба да се види како тој ќе се постави кога од негова страна на ваков начин законот брутално се прекршува“, појаснува Чилиманов.

Од привремената комисија потенцираат дека го почитуваат правото на граѓанските организации да организираат кампањи од јавен интерес и едукација на граѓаните, но, апелираат при тоа да обрнат внимание нивните пораки да не бидат идентификувани со пораките на учесниците во изборниот процес.

Ад-хок телото во сабота треба да го објави новиот десетдневен извештај од мониторингот на медиумите, по што треба да очлучат дали и овој пат некој ќе заработи прекршочна пријава.