Телото на Дениса заглави во Грција

Иако се очекуваше во земјава, телото на 23-годишната Дениса Маркоска од Прилеп, чиј живот трагично згасна кај островот Родос, се’ уште е во Грција. Настанал уште еден процедурален проблем, поради што ќе задоцни транспортот на нејзиниот труп во Македонија. Од Министерството за надворешни работи, кое го координира транспортот преку Канцеларијата за врски на Македонија за Грција, велат дека постапката се одолжила поради тоа што се чека потврда од грчкиот суд, пишува Утрински.

Имено, според тамошните закони, тело кое не било погребано подолго од еден месец и е во поодмината фаза на распаѓање – не смее да биде транспортирано без дозвола која мора да ја издадат грчките судски органи, а постапката ја води погребално претпријатие. Сепак, се очекува телото на Дениса најдоцна утре да биде донесено во земјава.

Веднаш потоа, по добиената дозвола од нашето Министерство за здравство, а по барање на родителите на несреќното девојче, во Институтот за судска медицина ќе биде извршена нова обдукција.

Трагичниот настан се случи на 12 септември кога Дениса исчезна од бродот „Серенисина“, на којшто работела, додека пловеле во водите на Егејско Море. Две недели подоцна, нејзиното тело беше најдено во фаза на распаѓање. ДНК-анализата што ја направија грчките власти била 99,9 отсто сигурна дека пронајдените останки и’ припаѓаат на прилепчанката, но семејството се сомнева и побара уште една анализа во Македонија.