Теловска: ВМРО-ДПМНЕ работи секој граѓанин без разлика на националноста да биде горд пред македонското знаме

За нас како партија, и ние тоа сме го докажале и во практиката, важни се сите граѓани на Македонија, за нас зборот нација, терминот нација соодветствува на државата и тука се вклучени сите граѓани кои живеат во Македонија, истакна Нермин Теловска на денешната панел-дискусија во организација на ВМРО-ДПМНЕ под наслов „Единствени во почитувањето на мултикултурализмот и заедништвото“.

Теловска посочи дека ВМРО-ДПМНЕ сака преку своите дејствија секој граѓанин на Македонија, без разлика на националната припадност, да се чувствува гордо пред македонското знаме, да ја чувствува Македонија за своја татковина.

„Ние тоа го покажавме преку капиталните проекти кои ги користат сите жители на Македонија“, истакна Теловска.

Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како партија може да се пофали оти интензивно работи на меѓуетничките односи и развој на кохезијата во општеството.

„Таа кохезивност се огледа на слободата на секој поединец и на еднаквите можности без разлика на која социјална група припаѓа. Ако зборуваме и за доктрината на ВМРО-ДПМНЕ можеме да ја претставиме и како стремеж на добри услови, добар животен стандард за секого во општеството. За нас како партија, можеме да се пофалиме и за членство во кое имаме припадници од сите различни етнички заедници коишто живеат во Република Македонија“, потенцираше Теловска.