33 години затвор за обвинетите во случајот „Ореше”

Тринаесет години затвор за нарачателот Ѓоре Петровски и по десет години затвор за браќата Љупчо и Ордан Ѓеорѓиевски, обвинети за убиството на седумдесет и седум годишниот Лазо Милошовски од Ореше. Ваква пресдуда донесе судскиот совет во велешкиот суд, откако ги слушна завршните зборови на обвинителството и одбраната, објави 24 Вести.

За време на објавувањето на пресудата, првообвинетиот Ѓоре Петровски не беше присутен во судницата, но браќата Ѓеорѓиевски со неверување ја примија одлуката. Едниот од нив, Ордан Ѓеорѓиевски, уште во судницата им се обрати на роднините на убиениот старец велејќи им дека убиецот е во нивното семејство.

За него денешната пресуда е спротивна на онаа од Апелација и ќе ја обжали. За бранителот на браќата Ѓеорѓиевски, Ѕвонко Давидовиќ пак ваквата одлука е срамна и покажува дека судството во Македонија е спаднато на ниски гранки. Според него, велешкиот суд калкулира, бидејќи за вакво дело казната е доживотен затвор.