Александар Македонски бил отруен со кукурек

Александар Македонски најверојатно починал како последица на труење со токсична билка со која било зачинето виното кое го пиел, тврдат новозеландски научници.

Славниот владетел и војсководец починал во 33 година од животот во 323 година пред нашата ера по 12-дневна агонија, за која многумина историчари веруваат дека била предизвикана од треска. Истражувачите од Универзитетот Отаго на Нов Зеланд се сомневаат дека виното кое Александар Македонски го пиел за време на свеченост во Вавилон било зачинето со билка која по ферментацијата станува смртоносна.

Според пишувањата на „Дејли мејл“, до овој заклучок дошол доктор Лио Шеп, токсиколог од новозеландскиот Национален центар за отрови, кои во кукурекот, билка со сосема безопасен изглед, нашол виновник за смрта на славниот освојувач.

Тој навел дека некои теории за труење со арсени и стрихнин не се веродостојни, бидејќи смртта би настапила многу побрзо.

Во студијата која ја напишал заедно со експерти за античка историја, доктор Пат Витли, а која е објавена во медицинското списание „Клиничка токсикологија“, Шеп наведува дека најверојатен виновеник е цветот вератрум албум, познат како бел кукурек. Овој цвет, кој виното може да го претвори во отров, им бил добро познат на старите Грци кои го користеле за да предизвикаат повраќање.

Доктор Шеп смета дека со негова помош може да ги објаснат последните денови на Александар минати во најстрашни маки, кога не можел ниту да зборува, ниту да оди. Новозеландскиот истражувач наведува дека виното морало да било многу горчливо, но можеби му било додадено шеќер, а Александар и онака најверојатно бил многу пијан на веселбата.

Кукурекот е зелјесто растение има листови со темнозелена боја, а цветовите се со различна боја во зависност од врстата на кукурек кои ги има 20. Се смета за еден од весниците на пролетта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.