Андерлехт нема да игра во Европа по 56 години

Белгискиот фудбалски великан Андерлехт не успеа да избори настап во европските купови по 56 години, откако во последното првенствено коло беше поразен со 1:2 кај Гент и така сезоната ја заврши на шестото место на табелата.

Во пресрет на последното коло Андерлехт и Гент беа бодовно израмнети во борбата за последното место кое водеше во фудбалска Европа, а на крајот поуспешни беа домашните. Гент поведе со голот на Гиорги Квилитаија во 2 минута, Андерлехт израмни во 74 минута преку Јаник Боласи а веќе по две минути домаќинот повторно дојде во водство преки Џонатан Давид.

Титулата во белгиското првенство уште во четвртокот ја осигури Генк кој ќе игра во Лигата на шампионите, втор е Клуб Бриж кој ќе се обиде преку квалификациите да се пласира во најквалитетното европско натпреварување. Трет е Стандар кој ќе игра во фазата по групи во Лига Европа, додека четвртиот Антверпен и Гент ќе играат квалификации за ова натпреварување.