Анонимно писмо од припадник на безбедносните сили: Спасовски, за почеток треба да се извините!!!

Господине Спасовски, не сакам да Ве ословам со функцијата Министер, заради тоа што почитта треба да ја заслужите. За почеток треба да ни се извините за сите навреди и омаловажувања од страна на вашиот лидер и вашите сопартијци. Само така ќе може да си подадеме рака за доброто на Македонија.  Ова меѓу другото се наведува во анонимното писмо од припадник на безбедносните сили што го објави порталор Пресс24.

Интегрален текст од писмото на припадникот на безбедносните сили:

Господине Оливер Спасовски,

Намерно не сакам да ви се обратам по функцијата што ја добивте. Не заради политички причини. Мене и на моите колеги не ни менува дали сте биле технички назначен врз основа на политички договор. Знаеме дека не сте ја добиле поддршката на непосредни избори. Ние сме обучени и тренирани да ја почитуваме хиерархијата и да даваме се од себе за Македонија. Ние бевме и ќе останеме професионалци.

Господине Спасовски, не сакам да Ве ословам со функцијата Министер, заради тоа што почитта треба да ја заслужите. За почеток треба да ни се извините за сите навреди и омаловажувања од страна на вашиот лидер и вашите сопартијци. Само така ќе може да си подадеме рака за доброто на Македонија.

Револтот кај мене и моите колеги во единицата е огромен. Вие со Вашиот лидер и вашите сопартијци изразувавте сочуство на загинати цивили во Диво Насеље, а загинати цивили немаше. Срамно, господине Спасовски.

Вие се сомневавте во компетентноста на полицијата и се обидувавте да ја оспорите акцијата и професионализмот кој не краси и мене и моите колеги. Во Париз беа убиени 130 цивили, а ние во Диво Насеље елиминиравме група која можеше да убие многу повеќе македонски жители.  Срамно, господине Спасовски.

Наместо да ги посетите колегите кои повредени се лекуваа во болница, со вашиот лидер се затрчавте да се сликате во Диво Насеље на местото каде осум херои ги положија своите животи за Македонија. Срамно, господине Спасовски.

Наместо во Гостивар да ги посетевте вечните почивалишта на Ненад и Горан и да им се пклоневте на нивните семејства, вие првиот ден откако ве назначија за министер проценивте дека е подобро да шетате по продавници низ Гостивар. Срамно, господине Спасовски.

Ви значат ли вам нешто имињата Жарко, Сашо, Бобан и Горан? Сте слушнале ли воопшто за Љубиша, Исамедин, Горан и Ненад? Не? Јас и моите колеги сме доручкувале и вечерале со нив. Сме делеле лекови и сме си помагале и во добро и во лошо. Нашите семејства секојдневно контактираат и ја споделуваат болката со нивните. Затоа господине Спасовски е срамно што не ги споменавте нивните имиња и не се заинтересиравте воопшто како тие живеат.

Срамно е денеска да ни дојдете во посета на Единицата за брзо распоредување и да не се извините за се ова. Освен што сме професионалци, ние сме и луѓе. Не болат навредите и омаловажувањата кои секојдневно ги добивавме од вас и вашите сопартијци.

Срамно е вашето обезбедување да се јавува и да проверува дали оружјето ни било под контрола, пред вие да се појавите. Господине Спасовски, вие можеби не сте имале ден искуство во безбедносниот сектор. Ние сме обучени по највисоките стандарди. Ние сме патриоти и професионалци. Со ваквиот однос само не навредивте.

Не навредивте и во предвечерјето на акцијата Диво Насеље кога насилници и хулигани тешко повредија 40 полицајци. Повторно не застанавте во одбрана на државата, на редот и на законот. Застанавте во одбрана на насилниците кои имаат и по 40 кривични пријави кои лежеле затвор за разбојништва, убиства и други тешки дела. Срамно, господине Спасовски…

Затоа ви порачувам дека и јас и колегите ќе бидеме секогаш тука за државата. Никакви политички закани од вас или вашите блиски нема да не заплашат или поколебаат. Вие сте денеска, а од утре или од април ќе дојде нов министер. Ние ќе останеме да се бориме за граѓаните и за Република Македонија.

Затоа очекуваме извинување и од вас и од вашиот лидер.

 

Дури тогаш ќе може да ви се обраќаме со Министер.