АВМУ ја осудува изјавата на Димитар Апасиев како крајно вулгарна и недолична

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осудува крајно вулгарниот и недоличен говор во објавата на претседателот на политичката партија Левица, Димитар Апасиев, на социјалната мрежа Фејсбук кој се однесува на телевизија Канал 5, се вели во соопштението испратено од АВМУ до медиумите.

-Покрај јавното етикетирање и дискредитирање на медиумот и неговото одговорно лице, упатен е и повик за бојкот на огласувачите и нивните производи на ТВ Канал 5, при што се споменува системска организирана антикампања. Ваквото однесување е апсолутно неприфатливо, особено станува збор за политичари и јавни личности кои треба да покажат највисоко ниво на почитување на новинарската професија и на медиумите. Политичарите и носителите на јавни функции мора да свесни за тежината на искажаните зборови и одговорноста што ја имаат пред граѓаните. Непримерната комуникација негативно се одразува на слободата на изразување, пред се во чувствителни периоди како предизборните и го нарушува достоинството на медиумските работници, исткнуваат од АВМУ.