Автомобилскиот гигант BMW дигна раце од Македонија?

„Маккар“, официјалниот дистрибутер за автомобилите на BMW за Македонија, веќе не работи. Седиштето на оваа компанија е затворено и веќе напуштено, иако на него се уште се наоѓаат ознаките на некогашниот ексклузивен увозник за BMW, MINI и Land Rover во земјава, објави порталот Фактор.

Од централата на германскиот автомобилски гигант BMW во Минхен, потврдуваат дека „Маккар“ веќе не е дистрибутер за нивните автомобили, а нов – нема. Во германската компанија, за сега не сакаат да прецизираат кои се причините за непродолжувањето на соработката со македонскиот дистрибутер.

Од македонската компанија, пак, до сега официјално не информирале дека веќе не се застапници за брендовите. Интернет страницата на „Маккар“ и Фејсбук профилите, на кои се рекламираат овие возила, и натаму се активни, меѓутоа на нив нема никакви информации кои ќе ги известат корисниците за настанатата промена.

„Маккар“ ДОО беше ексклузивен увозник на BMW, MINI и Land Rover во Македонија. Компанијата беше основана во 1996-та година како 100 отсто странска инвестиција, а основачките компании се: Balfinko LLC, Niborio Shiping LLC, Akianna Enterprises LLC и Danis Enterprises.

Во неа работеа околу 30-тина лица. Освен македонскиот пазар за трите бренда, „Маккар“ го покриваше и пазарот на Косово за брендовите BMW и MINI.

Компанијата имаше голем салон во Скопје – Маккар центарот е распространет на површина од околу 5.500м2 со двор од 1.000м2. Се состои од два дела кој се поврзани меѓусебно на простор со вкупна површина од 4.600м2, од кои 3.800м2 користеше салонот за BMW, а остатокот беше салон за MINI. Дополнително, компанијата поседуваше уште ден салон во центарот на Скопје за автомобилите на Land Rover, но засега нема подетални информации што се случува со дистрибуцијата на овој бренд.

Со одлуката на Маккар и BMW да ја прекинат соработката по истекот на заедничкиот договор, на мака се најдоа и клиентите во Македонија, кои велат дека сега немаат никаква информација каде да ги носат купените автомобили на овластен сервис или кому да се обратат за проблеми со возилото.