Банкари му „испрале“ 35.000 фалсификани долари на кавадарчанец

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со ОЈО Велес и во соработка со Народна Банка на Република Македонија откри тежок криминал во кој учествувале и вработени во една домашна банка. Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на МВР, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство- Велес донесе наредба за спроведување на истрага против 11 лица кои се вмешани во криминал со 35.000 фалсификувани американски долари.
Станува збор за З.К., Г.К., Н.К., Б.Ј.,Т.К., В.К., Р.М. и Т.С сите од Кавадарци кои се товарат за кривично дело фалсификување пари, како и за М.Е., Е.П., С.И. и Р.М, сите од Кавадарци, вработени во експозитура на една банка, против кои се поднесени кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување.

Во период од април до мај годинава, З.К. набавил 696 лажни банкноти во апоени од по 50 американски долари, кои видно се разликувале по повеќе обележја од оригиналните банкноти. Вкупно 137 лажни банкноти, осомничениот ги разменил во денари во експозитура на банката во Кавадарци, а потоа искористувајќи ги своите роднински и пријателски врски сукцесивно во повеќе наврати дал уште вкупно 559 лажни банкноти на лица кои во неколку наврати ги продале во банката. За дел од банкнотите на „продавачите“ не им биле исплатувани пари во денарска противвредност , туку биле извршени трансакции со кои ги префрлувале парите од нивно име како позајмица на сметките на фирмите во сопственост на З.К. и неговото семејство,велат од обвинителстовото.

Во исто време, шалтерските службенички М.Е. и Е.П., извршиле прием на лажните банкноти и притоа не направиле рачна и машинска проверка на бројната точност и автентичност на банкнотите, согласно банкарските правила и по одобрение од С.И., раководител во експозитурата, како и Р.М. заменик раководител, исплатиле денари во соодветна противвредност. Со неизвршување на своите службени овластувања, банкарските службеници ја оштетиле банката исплатувајќи вкупен паричен износ од 1.727.545 денари. На тој начин четворицата вработени во банката овозможиле фалсификуваните долари да бидат проследени до трезорот на друга банка во Скопје, каде бил откриен криминалот.

Во текот на вчерашниот ден, осомничените лица се сослушани од страна на јавен обвинител. Имајќи предвид дека постојат особени околности што укажуваат на опасност од бегство и страв од повторување на кривичното дело, како и влијание врз сведоците кои ќе бидат сослушувани во наредниот период, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Велес поднесе Предлог за определување на мерка притвор за прво осомничениот, а за останатите осомничени достави предлог за определување на други мерки за обезбедување. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со Решение на прво осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, велат од ОЈО.​

Од МВР информираат дека во текот на вчерашниот ден по наредба од Основен Суд Велес извршени се претреси во дом и други простории на вкупно 15 локации во Кавадарци и Лозово од кои девет во домовите на осомничените и шест во нивните фирми. При претресите биле пронајдени и привремено одземени вкупно: 1.239.010 денари, 3.700 евра, 384 американски долари, 420 англиски фунти, 50 швајцарски франци, 10 канадски долари. Исто така пронајдени и одземени се мобилни телефони, сим картички, како и документација поврзана со кривичното дело.