Barracuda FX најавува милион евра инвестиција и 90 вработувања

Barracuda FX најавува милион евра инвестиција и 90 вработувања
Barracuda FX најавува милион евра инвестиција и 90 вработувања

Милион евра ќе биде првичната инвестиција на ирската компанија Barracuda FX која и официјално го потврди влезот во Македонија.

Како што соопшти денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по средбата со менаџерскиот тим на компанијата, Barracuda FX ќе отвори посебен центар за истражување кој треба да почне со работа за околу еден месец, а вработени ќе бидат 80 до 90 високостручни кадри.

Се работи за центар за истражување кој не е типичен и досега нема таков во Македонија. Целта е, од она што сега го има компанијата како главен производ за тргување на светските пазари, да се развијат производи во Македонија за другите сегменти во финансиското работење, истакна Пешевски.

Според Морис Куран, еден од основачите на компанијата, менаџерскиот тим многу лесно ја одбрал Македонија како дестинација за инвестиции поради одличните услови што ги нуди, посебно инфраструктурата, економијата и расположливиот кадар.

Неколку пати ја посетивме Македонија. Бевме охрабрени од она што го видовме, професионалност, перспектива,… Затоа лесно ја донесовме одлуката да дојдеме тука. Се надеваме дека многу странски компании ќе го следат нашиот пример, рече Куран.

Barracuda FX е релативно нова компанија. Лоцирана е во Даблин, но има претставништво и во Лондон. Испорачува софтверски услуги за најреномирани светски банки и финaнсиски институции, а е носител на престижни интернационални награди и признанија.

Центарот за истражување што се отвора во Скопје ќе биде сместен во „Соравија“, а планираните еден милион евра ќе бидат вложени во опрема.

Ефектите од субвенциите на странските инвестиции повеќе од позитивни

Ефектите од субвенционирањето на странските инвестиции се повеќе од позитивни, а треба да се гледаат не само во моментов, туку дологорочно и во однос на целокупниот економски развој, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Странските вложувања, истакна Пешевски, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со менаџерскиот тим на Barracuda FX, носат нешто сега, но и многу работи за во иднина.

Самиот факт дека имаме раст на економијата, а зголемување бележи и бројот на вработени, зборува за позитивниот ефект на субвенциите за странските инвестиции. Лани имавме најголем пораст на вработени на ниво на странски инвестиции во Европа, преку 200 отсто од странските инвестиции се зголемија. Тоа укажува дека ефектите се позитивни, нагласи вицепремиерот.

Етаблирањето како таргет-дестинација за инвестирање и доказот дека странски компании тука можат да работат успешно, укажува, додаде Пешевски, дека Македонија веќе ја зацврснува оваа позиција, на дестинација на странски вложувања, и постепено, со развивање локални компании како добавувачи, сегашните позитивни ефекти, ќе бидат уште попозитивни.

Порано, нагласи, не можеше да се забележи гринфилд инвестиција во Македонија, се случуваа само приватизации.