Базиликата на Рождеството Христово и Ибрахимовата џамија отворени по карантинот

Базиликата на Рождеството Христово во Витлеем и Ибрахимовата џамија во Хеброн се отворени во вторникот по речиси тримесечниот карантин воведен поради пандемијата на новиот коронавирус.

Во понеделникот палестинскиот премиер Мухамед Штајех објави крај на мерките за изолација воведени на 5-ти март за да се спречи ширењето на заразата. Како што кажа, „во врска со контролата на ширењето на болеста, намалувањето на новите случаи и намалувањето на бројот на активните случаи на 122 лица, главно во Источен Ерусалим и, од неодмана, во Појасот Газа, донесена е одлука за враќање на нормалното живеење“. „Но доколку се регистрираат нови случаи, карантинот повторно ќе биде воведен“, рече Штајех на прес-конференцијата во Рамалах.

Базиликата на Рождеството Христово во Витлеем, изградена на местото каде што според преданието се родил Исус, едно од најпосетуваните свети места на светот, беше затворена на 5-ти март со специјален режим кога беа откриени првите случаи на коронавирус. Исклучоци не беа направени дури и на Велигден,

Неколку свештеници од разни христијански конфесии присуствуваа на повторното отворање на базиликата во Витлеем, во палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан). Како што пренесуваат медиуми, кога влегол во базиликата, поглаварот на Грчката православна црква во Вилтеем, владиката Теофилактос, ја бакнал иконата, додека друг свештеник попрскал со света вода во спилата во црквата во којатшо се родил Исус Христос.

Според соопштението на црквите кои управуваат со базиликата, во првата фаза ќе биде дозволен влезот во базиликата до 50 луѓе, кои ќе мора да носат маски за лице и да ги почитуваат мерките за физичко растојание. Бакнувањето или допирањето на камењата, вклучително и во спилата, ќе биде забрането.

Заразата со вирусот SARS-CoV-2, кој ја предизвикува респираторната болест Covid-19, во Витлеем избувана по посетата на грчки туристи, но палестинската влада брзо реагираше преземајќи мерки за спречување на ширењето на болеста.

Со базиликата на Рождеството Христово управуваат заеднички Грчката православна патријаршија во Ерусалим, Ерменската ерусалимска патријаршија и Кистодијата на Светата земја, а годишно ја посетуваат неколку стотици илјади аџии и мноштво туристи.

Сместена во стариот град Хеброн, исто така на Западниот брег, Ибрахимовата џамија (ал-Харам ал-Ибрахим) е свето мeсто како за муслиманите, така и за Евреите, бидејќи храмот бил изграден над пештерата која хебреите ја нарекуваат Гробницата на патријарсите. Според легендата, таму се погребани библиските патријарси Авраам, Исак, Јаков и нивните жени, а тука според преданието почиваат и телата на Адам и Ева.

Десетици Палестинци се собраа во вторникот таму на првата молитва во услови на засилени безбедносни мерки од страна на израелските безбедносни сили, кои го контролираат стариот дел од градот. На влезот во џамијата се поставени метални бариери, а ситуацијата ја којнтролираат израелски војници.

Од почетокот на март на сите палестински територии беше воведен режимот на вонредна состојба, кој беше укинат во неделата 25-ти мај. Во текот на празнувањето на големиот муслимански празни Еид ал-Фитр, или рамазан Бајрам по месецот на рамазанските пости поради пандемијата Палестинската самоуправа целосно го забрани движењето на териториите под нејзина контрола. Последните три дена пред укинувањето на забраните работеа само аптеките и пекарниците.

До денеска на палестинските територии се потврдени 602 случаи на зараза со коронавирусот, оздравеиле 475 пациенти а петмина починале, од кои четворица на Западниот брег и еден за кој минатиот викенд беше известено во Појасот Газа.