БиХ: ЕУ не е среќна поради наметнувањето на Шмит, но бара тоа да се почитува

Европската унија не е среќна затоа што високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит наложи технички измени во изборниот закон, но смета дека оваа одлука сега треба да се почитува и спроведе, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, Јохан Затлер, и ги повика властите на Република Српска да не посегнуваат по неуставни мерки.

На 26-ти март високиот претставник Шмит ги искористи своите овластувања и наметна измени во изборниот закон, кои главно гарантираат подобар надзор на изборниот процес и утврдување на резултатите од гласањето. Тоа го направи откако во декември минатата година ги повика домашните политичари да се координираат и да донесат такви решенија што ги бара и ЕУ за да се постигне напредок во евроинтеграциите, но внатрешен договор за ова немаше.

Потегот на Шмит беше поздравен од бошњачките и граѓанските партии, но го осудија партијата на хрватскиот ентитет HDZ BiH и владејачките политички партии од Република Српска, сметајќи дека е непотребен. Првиот човек на српскиот ентитет Милорад Додик, кој не го признава назначувањето на Шмит без вообичаената дискусија во Советот за безбеднсот на ОН, најави дека до 20 април таму ќе го донесе својот изборен законик и ќе спроведе избори според него, односно дека практично ќе ја развласти Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина во ентитетот.

Во интервјуто објавено од сараевскиот Dneven avaz во понеделникот, Затлер потврди дека смета дека употребата на извршните овластувања на високиот претставник е мерка што треба да се користи само во „непоправливи правни акти“, а тие сметаат дека тоа не е случајот во преговорите за измени на изборниот закон.

„Имаше уште време локалните власти да се договорат за измените на изборниот закон“, вели Затлер во претпазливо изразената критика на сметката на Шмит, тврдејќи дека на владејачката коалиција требало да ѝ се даде уште една шанса да ја потврди способноста за постигнување компромис што претходно го покажаа со договарање на други спорни прашања на законот.

Спротивно на Европската унија, интервенцијата на Шмит во изборниот закон беше јасно поддржана од САД, Велика Британија и Германија, додека Додик за критиките доби поддршка од Русија, како и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Но, Затлер сега истакна дека нема враќање назад и дека одлуките на Шмит, што и да мисли некој за нив, треба да се почитуваат.

„Очекуваме сите актери да се однесуваат одговорно и да покажат воздржаност во наредниот период. Неприфатливи се заканите на раководството на Република Српска кон уставниот поредок на Босна и Херцеговина, вклучително и избори во овој ентитет под нивна насока, спротивно на изборниот закон на БиХ“, вели Затлер, предупредувајќи дека деструктивното однесување на кое се заканува Додик го спречи почетокот на преговорите за пристапување на БиХ во ЕУ, што Европскиот совет го одобри во март.

Оттогаш се очекува БиХ да создаде технички предуслови за почеток на преговорите и да го назначи главниот преговарач, а Затлер потсети дека за преговорите ќе се бара државата да договори заеднички позиции и унифициран пристап кон ЕУ, што нема да биде возможно со обновени внатрешно-политички тензии и конфликти.