Бизнис климата во земјата е непроменета, сметаат граѓаните

Граѓаните сметаат дека бизнис климата во земјава и можностите за инвестирање во неа се идентични како претхотно (30,9%), и споредбено со условите од пред една година земјава е помалку привлечна за странските инвеститори (31,6%), покажува истражувањето на јавно мислење на тема „Бизнис клима во Македонија “, спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа вице премиерот Кочо Анѓушев, Маријана Андриќ, претставник на МАСИТ и Александар Младеновски, директор на дирекцијата за ТИРЗ.

Перцепцијата на граѓаните не соодветстува со реалната состојба во земјава, тврди заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, според него „19 компании последнава година и пол донеле одлука да инвестираат во државата и веќе се потпишани договори и отпочнати градежни активности. А во 2018 година имаме најголемо ниво на странски инвестиции споредено со претходните 11 години“, – вели тој потенцирајќи дека оваа перцепција е последица на одлуката за нетрошење средства во маркетинг и ПР на оваа Влада.

„Дел од инвестициите во 2018 година не се нови инвестиции, туку се и следни фази на постоечките инвестиции, што значи дека странските инвеститори не се плашат, ниту се воздржуваат да ги прошируваат своите капацитети во земјава“ , се надоврзува Маријана Андриќ од МАСИТ.

Испитаниците во истражувањето сметаат дека Владата не се грижи подеднакво за интересите на сите компании во земјава (48,1%), дел од нив сметаат дека таа повеќе им помага на странските инвеститори (26,0%), дел дека им помага подеднакво и на домашните и на странските компании (22,%), а одреден број од анкетираните дека не им помага ниту на едните ниту на другите (20,2%).

Законската регулатива и за домашните и за странските инвеститори одамна е изедначена, потенцира Андриќ потсетувајќи „последната дискриминација била во законот за добивка од 1993 година, која е укината во 2004 година“.

Според неа „она што е поповолно е инвестирањето во зоните бидејќи таму поедноставно се постаува бизнисот и течат работите. Но, за да се влезе во зона потребна е цифра на инвестиции во неа, а домашните инвеститори не се подготвени да вложат толкави средства со кои би биле атрактивни да влезат во зоната“.

„ТИРЗ како институција е задолжена да ги развива зоните и да привлекуваме инвеститори“ – вели Александар Младеновски, директор на дирекцијата за ТИРЗ, кој истакнува дека „сите македонски закони и законски одредби важат за компаниите во зоните, еднакво како и за секоја друга компанија во земјава“ – вели тој.

Поделено е мислењето на граѓаните дека во Македонија може (44,2%) односно не може (43,4%) да се најде квалитетна и добро платена работа. Согласно моменталните услови и бизнис климата, дел од анкетираните не би му препорачале на пријател од странство да инвестира во земјава (43%), односно дел би ја дале својата препорака (42%).

Вицепремиерот Анѓушев уверува дека тие како Влада и ТИРЗ бараат компани со повисок технолошки развој, кои би вработиле високо квалификувани луѓе.

„Во законот за финансиска поддршка, ние не финансираме и не поддржуваме некој што ќе даде помала плата од 50% над минималната, тоа е нешто над 300 евра. Дополнително ние не бараме инвеститори кои што ќе вработат 5 –6000 луѓе бидејќи реално во нашата држава такви луѓе веќе нема“ – вели тој.

Антиќ е согласна со забелешката на инвеститорите дела „за инвестирање во Макеоднија веќе најголем проблем е работната сила“. Токму затоа истакнува Анѓушев „треба да направиме преедукација на луѓето“, а за тоа неопходно е да се смени менталитетот затоа што „не е срамота да се работи во занает или во струка, бидејќи тој во иднина ќе живее подобро од вработениот во јавна администрација“.

Граѓаните се поделени околу моменталното исполнување (41%), односно не исполување (43%) на земјава на стандардите и препораките на ЕУ во однос на бизнис климата. Мнозинството од нив (62,3%) сметаат дека таа ќе се подобри со нашето членство во унијата.

Гостите во емисијата се оптимисти за бизнис климата во земјава. Андриќ во име на МАСИТ за во иднина бара позасилен дијалог помеѓу Владата и стопанството.ж

„Во минатото имавме искустваа каде одредени закони се менуваа на барање на стопанството, сега малку тоа е одолголечено, но законот за практиканство помина, па очекуваме сите тие работи да се забрзаат“ .- вели таа.

А оптимизмот на вицепремиерот е базиран на бројки според кои „тргнавме со економијата од минус 1,8 БДП, сега секој квартали бројките се подобруваат“.

Врз основа на БДП-то од последниот квартал од 2018-та, неговите очекувања за првиот квартал од 2019 е БДП поголемо од 3,7, „со што се покажува дека процесите се подобруваат, а исто така и имплементацијата на инфраструктурните проекти“ – вели тој.

Истражувањето на тема „Бизнис климата во Македонија“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 23 до 25 април, на 1.109 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.