Благовештение – среќен именден Благоја, Блаже, Благица

Празникот Благовештение е еден од најголемите празници на Христовата Црква. Тоа е момент кога се слави веста за повторното воспоставување на единството на Бога и човекот. Момент кога пред нас повторно се отвораат еднаш затворените врати на вечниот и блажен живот.

Празникот е конкретно поврзан со оној настан кога архангелот Гаврил и ја соопшти веста на девојката Марија дека ќе зачне со силата на Светиот Дух и ќе го роди Христос, исцелителот и спасителот на човештвото, кој повторно ќе ја отвори можноста за вечен живот во постојана заедница со Бога, можност што човекот ја изгуби кога наместо Бога го одбра гревот и наместо животот – смртта.

Се смета за тежок празник поради што тогаш не се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица…