Бум на зимскиот туризам во Кина

Зимскиот туризам во Кина остро закрепна во новата сезона благодарение на владините стимулации што ја поддржуваат домашната потрошувачка по укинувањето на строгите ограничувања за пандемијата.

Дестинациите во североисточниот дел на Кина, како што е градот Харбин во провинцијата Хеилонџијанг, привлекоа многу домашни гости од потоплите региони во последните неколку седмици. Сѐ повеќе љубители на зимските спортови, особено на скијањето и сноубордингот, ги откриваат падините на Ксинџијанг на северозапад од Кина.

По укинувањето на рестрикциите од пандемијата, граѓаните повторно во голем број заминаа на зимски одмор. Податоците од платформата за резервации Ctrip покажуваат двојно зголемување на резервациите за ски-билети и сообраќајот на крајот на годината. Резервациите на групните ски-тури скокнаа за 70 отсто на седмично ниво и за речиси 30 отсто на годишно ниво.

Официјалниот туристички извештај предвидува 25 до 30 отсто повеќе туристи оваа сезона, со проценки дека бројот на туристи првпат би можел да надмине 400 милиони туристи, а приходот би можел да достигне и до 550 милијарди јуани (76,8 милијарди американски долари).

Во петгодишниот план за развој на туризмот, Кина сака да го зајакне „ледениот и снежниот туризам“ со отворање нови скијачки центри и промовирање на локалната култура и традиција. Владата на годишната економска конференција во декември најави стимулации за домашната побарувачка во новата година.

„Треба да се стимулира потенцијалната потрошувачка, да се зајакнат профитабилните инвестиции и да се воспостави позитивен циклус во кој потрошувачката и инвестициите меѓусебно се поттикнуваат“, се вели во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.