Центар за аутизам и нова детска градинка ќе се градат во Штип

Штип ќе добие Центар за аутистични деца, но и нова детска градинка најавија по денешната работна средба градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев и заменик министерот за труд и социјална политика Ибархим Ибрахими.

Детската градинка ќе биде сместена во руинираниот објект во центарот на градот, додека пак Центарот за аутизам ќе се гради во населбата Пребег. Пари за него се веќе обезбедени и секојдневно ќе може да згрижува околу триесетина аутистични деца.

– Министерството обезбедува 30.000 евра за опремување на целиот простор. Општина Штип го најде просторот и ќе вработи едно лице кое ќе работи во тој центар, а другите лица ќе бидат на товар на Министерството за труд и социјална политика, вели Захариев.

Заменик министерот Ибрахими истакна дека во наредниот период се очекува во Штип да се изгради нова социјална зграда, во која свој дом ќе добијат и 15 ромски семејства кои во 2013 година беа поплавени, а сега се сместени во поранешниот диспанзер.

– Верувам дека ќе најдеме заеднички јазик и ние како Министерството за труд и социјална политика ќе помогнеме, бидејќи општината не може сама да го реши овој проблем со овие семејства, вели Ибрахими.

Тој најави дека до крајот на оваа година ќе биде решен и проблемот со вработувањето на волонтерите во двете штипски градинки.

МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.