„Чагатај кабло“ е уште една инвестиција на ВМРО-ДПМНЕ со која се фали Заев, велат од оваа партија

Зоран Заев и СДСМ повторно се фалат со проекти на ВМРО-ДПМНЕ, велат од оваа парија преку соопштение до јавноста.

Инвестицијата на чие отворање денес ќе присуствува Заев е инвестиција што е договорена и донесена во Република Македонија од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, а е резултат на успешните економски политики, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ преку своето соопштение.

Договорот за инвестирање на ‘Чагатај кабло’ е потпишан на 18 мај 2017 година од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, а е резултат на подолг процес на разговори и преговори. ‘Чагатај кабло’ е дојдена и како доставувач на материјали на ‘Ван Хул’, која, пак, исто така е изградена во време на ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од една година немаат ниту една нова инвестиција, а економските параметри се очајни, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека раст на БДП немаме, капиталните инвестиции за 7 месеци се едвај 21 отсто, задолжувањето е огромно, а стандардот на граѓаните се помал.

Единствена светла точка се инвестициите на ВМРО-ДПМНЕ, велат од партијата. Повеќе од една година откако СДСМ е на власт, уште се влече на проектите и делата на ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.