Ченто доби 15 години затвор: Го удрил Села со чадор, а Заев со клоца

За време на денешното рочиште во Кривичен за Крвавиот четврток во Собранието, при што се читаа пресуди, судијката Добрила Кацарска соопшти дека Јане Ченто го удрил пратеникот Зијадин Села со црвен чадор, а тоа се гледало на прибавените снимки.

Kацарска, воедно, посочи дека Ченто му удрил и клоца на тогашниот пратеник, а сега премиер Зоран Заев.

Тој не побара да се брани од слобода до правосилност на пресудата, бидејќи како што рече, секако ќе биде напишана некоја службена белешка со која ќе биде вратен во притвор.

-Нема да барам да се бранам од слобода или од куќен притвор да не повторно на некој му текне така лесно да ме врати во притвор. Не се плашам од затворот, историјата ќе ме ослободи. Еден ден ќе угрее сонцето на слободата. Да живее Република Македонија – кажа Ченто.

Ченто доби казна од 15 години затвор, а во овој случај највисока казна од 18. години затвор доби Митко Чавков.

Драконските затворски казни за обвинетите од случајот 27 април потврдија дека ова беше политички монтиран процес и производ на евидентна неправда – реагира најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ по одлуката на Кривичниот суд да бидат осудени 15 лица на казна затвор од дури 211 година. Велат одлуката која е невиден преседан е погребување на правото.

-На дело се демонстрираше Кацарска судството и Русковска обвинителството кое за жал се потврди дека се само слуги на Зоран Заев. Не ги интересира ниту правото, ниту правдината. Не ги интересираат ниту доказите, ниту околностите. Ги интересира само спроведувањето на партиско политичките нарачки на Заев. Ние сме држава во која убијци на малолетни деца како што е случајот со Смилковско езеро се на слобода, а луѓе од 27-ми април се судат за терористи. Оваа пресуда е нарачана и однапред позната, вели генералниот секретар Игор Јанушев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.