Дипломатска криза: Повикан на разговор израелскиот амбасадор во Бразил

Бразилскиот министер за надворешни работи Мауро Виеира повика на разговор амбасадорот на Израел во Бразил во понеделикот по локално време, откако претседателот Луис Инасио Лула да Силва беше прогласен за „персона нон грата“ во Израел поради споредувањето на војната во Појасот Газа со холокаустот.

„Поради сериозноста на утринските изјави на израелската влада, министерот Мауро Виеира (…) го повика на раззговор израелскиот амбасадор Даниел Зоншајн“, соопшти бразилското Министерство за надворешни работи.

Тој, исто така, „го повика на консултации бразилскиот амбасадор во Тел Авив, Фредерик Мајер, кој утре (вторник) ќе отпатува за Бразил“.

Бразилскиот претседател во понеделникот го обвини Израел дека извршил „геноцид“ врз Палестинците во Појасот Газа, споредувајќи ја израелската офанзива со нацистичкото истребување на Евреите.

Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, во понеделникот објави дека Лула затоа е „персона нон грата“ во Израел додека не се извини и не ги повлече своите зборови. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја осуди изјавата на Лула како „срамна“.

Лула го осуди нападот на Хамас врз Израел на 7-ми октомври во кој беа убиени 1.200 лица како „тероризам“, но оттогаш е многу критичен кон израелските воени операции во палестинската енклава кои доведива до невидени разорувања, смрт на речиси 29.000 луѓе и протерување од своите домови на околу 1.5 милион лица.