Доби ли СДСМ инструкции од Хан за силување на македонската демократија?

Предлогот на Владата за измени на Изборниот законик, по итна постапка, денеска е ставен на дневен ред на пленарната седница на Собранието. На ова реагираше опозицијата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев рече дека веднаш откако еврокомесарот Јоханес Хан излегол од собраниската седница „била подметната измена на Изборниот законик“, што никогаш претходно во државава не се правело без консултација и согласност со опозиицјата.

Измените предвидуваат членовите на ДИК да се бираат со просто мнозинство од 61 пратеник, а не како што е досега со двотретинско. Сето ова доаѓа пред најавениот референдум за којшто е потребна ДИК за да го спроведе.
Измената за изборниот законик е доставена веднаш по средбата на премиерот Зоран Заев и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан.

– Во очи на формирање на ДИК, разгледување на Изборниот законик и на вака закажана седница на Собранието на РМ пред неколку дена, која беше закажана за денеска во 12 часот, во 12:38 доаѓа допис во кој се предлага промена или дополнување на дневниот ред  и тоа ниту повеќе ниту помалку со измени на Изборниот закони. Никогаш во РМ не се менувал и не се носел Изборен законик без консултации и поддршка од опозицијата, рече Данев, дополнувајќи дека тоа е жално за демократијата во РМ и за граѓаните кои веруваат во демократија и евроатлантските интеграции на државата.