Договорот е ништовен и срамен, немавте право да го потпишете!

Во своето гостување во телевизија Телма, во дебатната емисија Топ Тема, Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев му порача на Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски дека владата на СДСМ еден ден ќе одговара за потпишувањето на капитулантскиот договор со Грција.

Јанушев истакна дека доколку власта на СДСМ воопшто не учествувала во преговорите, веројатно Македонија би добила подобар договор за името од овој, за кој граѓаните ќе треба да гласаат на референдум.

-Ние согласно со Уставот на оваа држава сме Република Македонија и ако веќе потпишувавте тука требаше да стои Република Македонија, прво. Второ немавте право да го потпишете договорот дали тоа ви е јасно. Се знае кој единствено има право да потпишува вакви договори. Си дадовте полномошно на владата што немавте право да го дадете. Прифатете дека ова е ништовно, ова е каптиулантско, ова е срамно и еден ден ќе одговарате за ова што го правите ви го гарантирам тоа пред целата македонска јавност. Овој договор нема да ви помине. Не ви поминува, вели Јанушев.

Во однос на уверувањата дека владата на СДСМ го заштитила јазикот, Јанаушев посочи дека јазикот е признаен уште во 1977 година од страна на ОН која претставува институција со огромен углед и пред која се води спорот за името.

Со овој договор на македонскиот јазик му се става додавка. Сега истиот тој јазик што некогаш бил признаен без додавки и придавки, сега ќе биде дополнет со тоа дека припаѓа на словенската група на јазици. Со ова не е заштитен јазикот, туку е изменето неговото именување во Светот, а потценета е институцијата која го има потврдено и признаено, рече Јанушев.