Досие „Рекет“ – Операција „Разводнување“ за спас од распад

„Рекет“ ја распука власта во Македонија по сите рабови. Процесот на распад на власта на СДСМ е почнат и незапирливо тече. Секојдневно. Ама во истовреме СДСМ и Зоран Заев напорно и со сите сили работат на негово успорување. Нормално, не им се напушта власта. Удобна е, нуди моќ и огромни финансиски благодети.

А, Зоран Заев, како премиер требаше прв да си поднесе оставка и да распише избори, по обелоденување на аферата „Рекет“. И тоа требаше да го стори како човек за кој има сериозни сомневања дека е длабоко вмешан во скандалот „Рекет“, но и како човек кој мора да понесе одговорност за одбирање на погрешни играчи во својот тим.

Но, тоа не се случи, туку неуморно и под полна пареа неговите Пи-Ар пулени работат тој да биде претставен како главен херој во „Рекет“. Оној кој не’ спасил нас граѓаните од злото. Да незнае човек дали да плаче или да се смее. Човекот кој и’ го нанесе најголемото зло на Македонија, кој ја обезличи својата татковина, својата нација, со промената на вековното име, не’ спасува нас македонските граѓани од злото.

Плус и обвинителот Вилма Русковска тврди дека немало политичари инволвирани во најголемата афера во поновата историја на Македонија. Граѓаните слушнаа снимен материјал кој отвора голем сомнеж за вмешаност на Зоран Заев во „Рекет“. Или можеби Заев според стандардите на Русковска не е политичар? Исто и Радмила Шекеринска. Може ли да му се верува на обвинител кој среде скандалот (намерно или не) си замина на годишен одмор и со тоа остави доволно простор за манипулирање во истрагата? Остави доволно време осомничени да влијаат врз сведоци, да прикријат докази, да се обидат да ги скријат своите траги во злосторството. А, некои богами и да заминат од земјава. Дали ние обичните луѓе треба да и’ веруваме на Русковска, гледајќи во изминатиов период како ја води истрагата и како ни остава големи сомнежи околу многу работи? Нормално дека не треба да и’ се верува. Ова е Македонија. Притисоци, корупција и поткупи има во сите пори на општеството, во секој сегмент во животот на граѓаните. Парите немаат вера и нација. Тие се култ на слепо обожување кај нас. Па, Катица Јанева е жив доказ за тоа.

Паралелно со процесот на претворање на Заев во херој, во тек е и процесот на разводнување на аферата. Главна цел во овој процес е заглавување на „Рекет“ низ македонските правни лавиринти. А, богами тие лавиринти во нашиот правен систем се ужасни. Бескрајни. Па, ние сме држава светски рекордер по траење на судски и истражни процеси. Мобилизација на кадрите е направена. Судските и органите на прогонот, кои се во сервилна служба на Заев и на СДСМ, под полна пареа работат низ лавиринтите. Истрагата е во тек! Па, нема појака фраза. Бесконечно е. И многу лесно фрла дури и колосални кривични предмети во заборав. Како на пример со случајот на градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш.

Но, една година и не е така многу. Уште една година има до редовните парламентарни избори. Во тој временски интервал што е пред нас, сигурно уште многупати разни нови информации за случајот „Рекет“ ќе ја размрдаат јавноста. Колку и’ да се трудат Заев и СДСМ да го разводнат скандалот, попусто ќе им е. Незнам дали го сфаќаат тоа или не.

Промената на уставното име на Македонија, обезличувањето на Македонците како народ, урнисувањето на нивниот вековен идентитет и секако случајот „Рекет“ се клучни во падот на СДСМ предводен од Зоран Заев. Дали тоа ќе се случи во следнава една година или пак порано, не е воопшто важно. Ние ќе си почекаме, а тие нека се радуваат на нивните нарачани анкети. Есапот дома и на пазар не е ист.

Автор: Дејан Николовски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.