Друштвото на писатели организира Денови на Блаже Конески

Во организација на Друштвото на писатели од 18 до 20 ќе се одржи манифестација со што ќе се одаде почит на еден од водечките македонски поети, основоположник и прв претседател на македонската писателска асоцијација, Блаже Конески.

Во среда на 18 декември, членови на ДПМ ќе имаат заеднички настап со младите литерати од неколку училишта од Скопје на симболично наречен „Час за Блаже Конески“.

Во четврток во Домот на македонските писатели ќе се одржи средба со наслов „Посланието на Блаже Конески“ на која ќе зборува академик Георги Старделов. Притоа ќе биде промовирано руското идание на последните шест стихозбирки на Конески, неодамна објавени во Москва во превод на Олга Панкина.

На 20 декември во ДПМ ќе настапат четириесет поети на манифестацијата „Средба на генерациите“.

За време на одржувањето на Деновите на Блаже Конески, претставници на ДПМ ќе положат свежо цвеќе на гробот на поетот, по повод 20-годишнината од неговата смрт.