Државата да застане на патот на злоупотребата на децата по разводот

Граѓанската иницијатива заедничко и одговорно родителство по развод оваа година првпат ќе го одбележи во Македонија 25-ти април – Светскиот ден за борба против родителско оттуѓување со граѓански собир пред Собранието на Република Македонија.

Ова беше најавено на денешната прес конференција, на која се обратија Наум Рибароски,од Граѓанската иницијатива заедничко и одговорно родителство по развод и Драги Змијанац, основач и претседател на Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

Како резултат на неколкугодишното делување, рече Рибароски, забележливи се две тенденции. Првата е дека се’ повеќе деца се предмет на родителско оттуѓување, односно влијане на едниот родител за да децата го отфрлат другиот родител. Оваа појава, посочи тој, е една од најтешките форми на злоупотреба на децата и е директна последица од начинот на постапување на државата со децата од разведени бракови и нивнотододелување на чување и воспитување на само еден родител.

Втората тенденција е дека државата нема намера да застане на пат на ваквата злоупотреба на децата. И не само тоа, туку продолжува да го поддржува родителското оттуѓување преку упорно задржување на сегашниот апсурден еднородителски систем по развод, додаде Рибароски

„Основната цел на иницијативата на група родители за воведување на 50-50 поделено, подеднакво, заедничко или споделено старателство е да се смени сегашната неправедна положба во однос на остварувањето на родителските права по развод. Досегашниот концепт на еден главен родител на кого (доколку нема меѓусебен договор, што најчесто е тешко да се постигне при развод) му се доверуваат целосно децата на грижа и воспитување и еден спореден родител кој има крајно ограничено време за остварување на квалитетно родителство, е пред сѐ штетен за децата кои де факто го губат едниот родител. Затоа предлагаме нов концепт со кој двата родитела, и по развод, ќе продолжат да имаат еднакви права и обврски кон децата, исто како и додека биле во брак“, рече Рибароски.

Поради тоа, оцени дека е време за заедничко делување на сите граѓани кои го имаат овој проблем и да им порачаат на надлежните дека не се откажуваме од борбата да имаме нормален контакт со нивните деца.

„Нашето движење е во постојан пораст бидејќи сегашниот систем генерира нови и нови жртви“, забележа Рибароски.

Лекот за родителското оттуѓување е имплементирање на принципите на заедничко и одговорно родителство по развод и во таа смисла во среда оваа иницијатива ќе ги поднесе своите барања до Собранието и до Владата на РМ, надевајќи се дека надлежните конечно ќе се свртат кон решавање на овој горлив проблем, наместо досегашните изгвори зошто не може да се реши.

Им порачуваат на родителите и другите блиски роднини на децата во ваква ситуција дека молчењето нема да им, ги врати децата, како и дека самите тие не се виновни што не ги гледаате своите деца, туку дека во прв ред, виновен е системот.

„Детската амбасада ‘Меѓаши’ се залага да се даде ваква можност кога ќе оценат Центрите за социјална работа дека двајцата родители може да преземат еднаков дел од обврските во подигнувањето и воспитувањето на детето и негов правилен раст и развој. На овој начин, двајцата родители ќе имаат исти права и обврски кон детето во неговиот раст и развој, како и при донесување на одлуки за детето, односно ќе практикуваат одговорно и квалитетно родителство и по разводот. Доколку при ваква стартна позиција стручните тимови на центрите за социјална работа, во согласност со однапред утврдени критериуми, утврдат дека двајцата родители можат да му понудат на детето квалитетно родителство, тогаш заедничкото старателство треба да биде појдовна основа. Но даденото заедничко старателство во иднина треба да биде предмет на континуиран мониторинг и надзор од страна на стручните служби и преиспитување, односно следење на двајцата родители во остварувањето на нивните родителски права и обврски“, образложи Змијанац.