Дворжак предупреди: Киев мора да смета на долги пристапни преговори

Новоименуваниот чешки министер за европски прашања, Мартин Дворжак, предупреди во врска со амбициите на Украина за приклучување кон Европската унија, дека „срцата на Европејците се поотворени од вратите на Унијата“ и дека Киев мора да смета на долги пристапни преговори, како во случајот со Турција.

„Мислам дека нашите срца се поотворени од имагинарните врати за влез во Европската унија. Мислам дека во овој момент повеќето Европејци, не само Урсула фон дер Лајен, многу ја поддржуваат Украина. Но, земја чиј голем дел сега е разрушен, уништена и која во војната тешко може да ги исполни сите критериуми за влез во ЕУ“, рече Дворжак во интервју за јавната чешка телевизија.

Министерот оцени дека е реално Украина да ги започне пристапните преговори со ЕУ оваа година и дека тоа би било добар импулс за Киев, но дека тоа нема никаква врска со должината на пристапните преговори.

Чешкиот министер за европски прашања причините за „заморот од проширувањето“ во ЕУ и кога станува збор за земјите од Западен Балкан ги гледа во стравот дека ЕУ ќе се оттргне од контролата доколку остане правото на вето кога ќе се прошири на земјите кандидати, „но и себичното однесување на државите од претходните бранови проширување кое повеќе ги интересираше колку пари ќе привлечат отколку некои заеднички европски вредности“.

„Ние самите им направивме лоша услуга на нашите пријатели на Балканот со начинот на кој повремено се однесувавме во европската куќа – себични, асоцијални, некоректни. Направивме слика за себе како проблематични кои само се обидуваат да добијат субвенции. Тоа е единственото нешто што ги интересира во ЕУ, а не да споделуваат вредности. А, пред се не сакаат да сносат одговорност и како да ни недостига чувство за солидарност. На мене како Чех многу ми е жал за тоа“, рече Дворжак.

Тој додаде дека причината за скептичниот однос кон проширување кај членките на Унијата е што реално, земјите, „да речеме од Западен Балкан“, се уште не ги достигнале европските стандарди.