Џејмс Фоли: Од учител до воен известувач

Новинарот Џејмс Џим Фоли (40), се одлучил да ја смени својата професија и да стане воен известувач, на возраст од 35 години. Откако дипломирал, бил учител во училиште во сиромашниот дел на Феникс во рамките на програмата „Учители за Америка”. Некое време ги учел и затворениците во Чикаго да читаат и да пишуваат, пишува „DPA”.

„Пред да оди во Сирија за последен пат, Џим рече дека конечно ја пронашол својата страст”, изјавил неговиот татко Џон во 2013 година. Фоли бил киднапиран една година претходно.

 


Како слободен новинар патувал во регионите зафатени од војна, за да пишува и фотографира за „Global Post“ и „AFP“. Во 2011 година Фоли бил нападнат и киднапиран од либиските власти, но бил ослободен по 45 дена. Сепак, таа „епизода” не ја намалила неговата желба да известува од воените подрачја, иако неговиот колега од Јужна Африка погинал во нападот.


Во 2012 година бил киднапиран од Интернет кафе во Бинешу во Сирија. Од тогаш му се губи секаква трага. Преведувачот кој го најмил да му помогне да ја мине сириско-турската граница, исто така бил киднапиран, но подоцна ослободен.


Колегите го опишуваат Фоли како„љубезен, храбар човек”, а неговите пријатели жалат што никогаш не успеал да основа семејство. Клариса Ворд, која работела со него, на својот Твитер профил напишала дека Фоли бил нејзин пријател, сопатник и добар човек.


Неговата мајка, Дајен Фоли, го опишала како храбар човек.
„Секогаш поставуваше стандарди. Тоа беше негова страст. Сакаше да им помага на другите и на своите колеги новинари”, рекол неговиот татко.


Неговата прва новинска работа била известувач за американските сили во Авганистан. Во 2011 година за „Boston Globe“ изјавил: „Верувам дека военото новинарство е многу важно. Без тие фотографии и видеа кои ги добиваме од прва рака, не би сфатиле дека во светот постојат многу опасни места”.