ФОТО: Еколошки билборд за почист воздух во Скопје

Германската амбасада и Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ денеска на Скопје му подарија еколошки билборд – комбинација од васкуларни растенија и мовови кои креираат симбиоза, заедно функционираат и придонесуваат за прочистување на амбиентниот воздух.

На промоцијата на билбордот „City Tree”, кој  е поставен во центарот на градот, на улицата Никола Кљусев, во близина на хотелот „Мериот”, присуствуваше Секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски и амбасадорката на Германија во Република Македонија, Кристина Алтхаузер.

Сакам да изразам благодарност до Германската амбасада и до „Еко-свест“ за оваа донација чија главна функција е да се подигне јавната свест и грижата за животната средина, да предупреди на опасностите од климатските промени и да потсети на важноста секој од нас да придонесе за почиста и поздрава околина. Градот Скопје е отворен и ги поддржува иновативните проекти во различни општествени сфери, а особено во областа на заштитата на животната средина. Се надевам дека овој еколошки билборд нема да биде единствен во нашиот град – рече денеска Секретарот на Град Скопје, Марјанчо Тодоровски.

133563406

Амбасадорката на Германија во нашата земја, Кристина Алтхаузер нагласи дека климатските прашања ги надминуваат границите на државите.

Прашањата поврзани со заштитата на животната средина се приоритет во Германија. Нашата влада многу посветено работи на овие теми, а поттикнува активности за заштита на средината и во странство. Ми претставува задоволство што реализацијата на овој проект е резултат на партнерство, на симбиоза, исто како што функционира и билбордот „City Tree“ од кој корист ќе имаат граѓаните на Скопје – изјави амбасадорката Алтхаузер.

Еколошкиот билборд, како што објасни Ана Чоловиќ Лешоска, од „Еко-свест“ претставува комбинација од васкуларни растенија и мовови кои креираат симбиоза со моќ да апсорбираат штетни честички од воздухот (NО2, CО2 и цврсти честички со големина од 10 и 2,5 микрометри). Билбордот има ефект на филтрирање воздух како 275 дрвја, годишно. City Tree е одржлива инсталација со систем за наводнување, зафаќање на дождовницата и соларен панел.

Ваков билборд вчера беше поставен и во Тетово.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.