Економски совет на Владата утре ќе дискутира само за земјоделството

Измените во Програмата за директни плаќања и во политиките за рурален развој, ќе бидат двете клучни точки што ќе ги разгледува утре владиниот Економски совет, соопшти денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Пред членовите на Агро советот, Николовски информира дека седницата на Економскиот совет ќе биде тематска, посветена на земјоделството.

-Утре ќе има Економски совет на Влада. Седницата ќе биде тематска. Пред економскиот тим на премиерот ќе се дискутира само за земјоделството, само за конкретниот предлог за промени во делот на Програмата за директни плаќања и во делот на политиките за рурален развој, информира Николовски.

Министерот истакна и дека почнува авансната исплата на субвенциите.

-Целосно ќе бидат сервисирани корисниците по секоја основа. Сите пари ќе бидат исплатени и сите мерки ќе продолжат. Потоа е на земјоделците и на фармерите, она што државата го очекува и го бара, како и граѓаните, а тоа се подготовките за производство, рече министерот на денешната конститутивна седница на Советот за земјоделство и рурален развој.