Екстрадиран Алмир Дрпљанин, најбараниот криминалец во Македонија

Косовската полиција денеска го екстрадираше Алмир Дрпљанин, од скопско Синѓелиќ, кој во 2010 година беше осуден во отсуство на доживотен затвор за убиството на полицаецот Африм Арифи пред Природноматематичкиот факултет во Скопје. Тој пред две години беше уапсен во Урошевац, а околу неговото апсење првично се шпекулираше дека се работи за лице осомничено за петкратното убиство кај Смиљковското езеро. Дрпљанин се поврзува и со убиство поради крвна одмазда во Визбегово пред повеќе години.

Заедно со Дрпљанин, за убиството на полицаецот, доживотна затворска казна веќе одлежуваат Керими Реџаил и Агим Ислами. За помагање при убиството на шест години беше осуден Рамадан Шакири. Тројца од осудените на 26-ти ноември 2008-та година на паркингот кај ПМФ испукале 70 куршуми во автомобилот “мазда“ при што смртно го ранија Арифи, а неговите колеги се здобија со тешки повреди.

Дрпљанин покрај за ова убиство се сомничи и за грабежот на Прокредит банка, за ограбувањето на возилото на Комерцијална банка при што беше убиено едно лице и за возилото на Македонски пошти во Чаир. Во сите случаи имаше тешко повредени лица, а беа одземени огромни суми на пари.

Овој озогласен криминалец се поврзува со уште две тешки кривични дела во кои имаше загинати и повредени. Еден од нив е неуспешниот обид за ограбување на возило на Македонија пат, при што едно лице загина, а еден беше повреден.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.