Елизабета Втора: Почестена сум од бројот на луѓе кои излегоа да го прослават платинестиот јубилеј

Британската кралица Елизабета Втора вчера  изјави дека е почестена и длабоко трогната од бројот на луѓе кои излегоа на улиците да го прослават нејзиниот платинест јубилеј на крајот од четиридневната прослава по повод 70-годишното владеење.

„Кога станува збор за тоа како да се одбележат 70 години на владеење на вашата кралица, не постои водич што треба да се следи. Ова е навистина првпат. Но, јас сум почестена и длабоко трогната што толку многу луѓе излегоа на улиците за да го прослават мојот платинест јубилеј“, истакна кралицата Елизабета Втора во соопштение објавено од Бакингемската палата.

„Иако можеби не присуствував лично на секој настан, моето срце беше со сите вас и останувам посветена да ви служам најдобро што можам, со поддршка од моето семејство“, истакна британската кралица.

Кралицата Елизабета Втора на последниот ден од прославите по повод 70-годишнината од нејзиното стапување на тронот, накратко се појави на балконот на Бакингемската палата за да ги поздрави насобраните луѓе.

Кралицата (96) излезе на балконот, придружувана од синот Чарлс, внукот Вилијам, нивните сопруги и деца. Тогаш се огласи и британската химна „God save the queen“.

Елизабета Втора ги ограничи своите настапи во последните месеци поради проблеми со одењето. Досега таа се појави само два пати во текот на четиридневната празнична програма.

Таа им мавна на илјадниците луѓе собрани пред палатата на крајот од парадата, на која присуствуваа над 100 национални познати личности како пејачот Ед Ширан и поранешниот фудбалер Гери Линекер.

Елизабета Втора се искачи на тронот во 1952 година, кога имаше 25 години. Таа е британскиот монарх со најдолго владеење.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.