Енергетска ефикасност за развој на општините

Резултатите од проектот „Промоција на енергетска ефикасност на општините во Македонија“ ќе бидат промовирани на работилницата што ќе се одржи денеска во Домот на АРМ во Струмица, во организација на Консалтинг за стратешки развој во соработка со Светска банка и Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

Проектот е техничка помош финансиран со грант од страна на Светска банка и има за цел да ги зајакне капацитетите на општините во Република Македонија за поефикасна употреба на енергијата, односно да ја подигне свеста за придобивките од финансирањето во мерките за енергетска ефикасност и јакнењето на општинските капацитети.

За време на настанот ќе бидат споделени резултатите од имплементацијата на проектот, научените лекции и предизвици.

На работилницата се очекува да присуствуваат градоначалниците на општините од Југоисточен плански регион, менаџерите за енергетска ефикасност, претставници на општините, граѓански организации, бизнис заедницата и граѓани. Обраќање и презентации на работилницата ќе имаат претставници од Светска банка, Агенцијата за енергетика, како и претставници на имплементаторите на проектот.