„ЕВН Снабдување“ лидер на либерализираниот пазар на електрична енергија за големите потрошувачи

„ЕВН Снабдување“ освои над 70 проценти од отворениот пазар на електрична енергија за квалификуваните корисници кои веќе одлучиле, односно потпишале договор за снабдување.

„ЕВН“ за снабдувач ја одбрале 115 компании, преостанатиот дел од пазарот им припадна на другите лиценцирани снабдувачи. Се чека да завршат тендерските постапки во 20 државни компании по кој што ќе се знае и нивниот избор за снабдувач и конечниот процент на склучени договори на компаниите со лиценцираните снабдувачи.

„Задоволни сме од потпишаните договори, тоа е и повеќе од очекуваното со оглед дека на пазарот излегоа со свои понуди и други снабдувачи. Оние кои ни ја дадоа довербата го одбраа вистинскиот пат, ЕВН ќе им го понуди искуството од досегашното работење на домашниот пазар и од работењето на пазарот на Европската унија. Тие ја одбраа најдобра понуда, сигурното снабдување, прецизното планирање и продолжување на поддршката и партнерството“, велат од компанијата.

До крајот на февруари, 222 компании во земјава со над 50 вработени и вкупен годишен приход не поголем од 10 милиони евра го избраа својот снабдувач на електрична енергија. Со ова се создадени условите од први април да старува втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија.