Фестивалите и концертите се можност за ширење на мајмунски сипаници летово, предупреди СЗО

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на можното ширење на мајмунските сипаници на фестивалите и другите големи собири планирани ова лето низ Европа.
– Потенцијалот за натамошно ширење на вирусот во Европа и на други места ова лето е голем – изјави Ханс Анри Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

Сепак, Клуге смета дека фестивалите и другите настани планирани во следните неколку месеци би можеле да бидат можност за „подигнување на свеста и зајакнување на заштитата на поединците и заедницата“ кај младите луѓе кои се сексуално активни и глобално мобилни.

Клуге тврди дека претходните истражувања сугерираат дека епидемијата во Европа трае од средината на април. Ова е нумерички и географски најголемото ширење на овој вирус надвор од Западна и Централна Африка, област каде што мајмуните сипаници се ендемични.

Клуге смета дека укинувањето на ограничувањата поврзани со пандемијата на коронавирусот придонесе за брзото ширење на мајмуниските сипаници во Европа во последните неколку месеци. Иако голем број претходни инфекции се поврзани со сексуална активност, Клуге нагласува дека секој може да се зарази со вирусот.

-Бидејќи вирусот не се шири на ист начин како Ковид-19, немаше потреба од воведување мерки за јавно здравје како што беше за време на пандемијата на коронавирус. Но, особено е важно да се нагласи дека сè уште не знаеме дали ќе можеме целосно да го потиснеме ширењето на вирусот“, додаде тој.