Фетаи бара притвор за Мијалков и Ибраими, откако беа осудени во „Титаник 2“

Притвор за Сашо Мијалков побара обвинителката Фатиме Фетаи, по денешното соопштување на пресудата за „Титаник 2“, според која беше осуден на три години затвор.

Опасноста од бегство значително е зголемена поради оваа пресуда, па затоа треба да се зголеми и степенот на негово обезбедување, а тоа може да се стори со мерката притвор, рече обвинителката Фетаи.

Таа сепак додаде дека Мијалков коректно се однесувл на судењата и тоа било за пофалба, но опасноста за бегство превагнува.

Фетаи потенцираше и дека прашање на денови е кога Врховниот суд ќе му ја укине мерката куќен притвор на Мијалков, која му е одредена во случајот „Империја“’

Обвинителката побара притвор и за обвинетиот Бедредин Ибраими, кој беше осуден на четири години и шест месеци.

На рочиштата го видовме на дело однесувањето на обвинетиот Бедредин Ибраими. Не го признава СЈО и не го почитува судот, односно не го почитува системот. Ваквото однесување ми дава сомнеж дека нема да ја почитува и донесената пресуда. Може само да се очекува криење и бегство. Затоа предлагам да му биде изречена мерка притвор, рече Фетаи.

За Тачи, пак според обвинителката не е потребен притвор.

На Мендух Тачи предлагам да му изречете мерка на претпазливост да се јавува кај надлежен државен орган, бидејќи постои опасност од бегство, рече обвинителката Фетаи.

Сепак таа додаде дека според досегашното однесување на Тачи, нема да ја побара најстрогата мерка, односно притвор. Тој е осуден на казна затвор од три години и два месеци.

Според Фетаи, истите околностите се и за обвинетите Сашко Срцев,  Анета Стефановска и Влатко Сајковски, за кои исто така ја побара истата мерка на претпазливост. Поранешните членови на ДИК беа осудени на три години затвор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.