Фрчкоски ја презеде функцијата амбасадор во ООН во Њујорк

Амбасадорот и постојаниот претставник на Република Македонија при ООН во Њујорк, Љубомир Данаилов Фрчкоски, му ги предаде акредитивните писма на генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш. Фрчкоски во разговорот со него информира за најважните стратешките приоритети во надворешната политика на Македонија и моменталната состојба со интегративниот процес на земјата, посебно по потпишувањето на Преспанскиот договор. Се реафирмираа генералните македонски позиции на поддршка на работата на ООН и на генсек на ООН, како и вкупните наши активности во работата на Организацијата.

Генералниот секретар на ООН оддаде признание за подготвеноста и покажаната политичка волја на Владата, низ дијалог и компромис да ги решава најкомплицираните и најсензитивните билатерални проблеми, во интерес на своите национални приоритети, но и за стабилноста и развојот на регионот, посебно акцентирајќи го Преспанскиот договор. Гутереш, исто така, го истакна и досегашниот придонес на земјата како активен субјект во работата на ООН и степенот на остварената соработка со телата, органите и агенциите на ООН.