Глобална акција „Часот на планетата земја“

Со исклучување на мелниците за цемент, Цементарница УСЈЕ и годинава ќе се приклучи кон глобалната инцијатива „Часот на планетата Земја“. Мелниците за цемент ќе бидат исклучени во периодот од 20:30 часот до 21:30 часот на 24. март 2018 година, а покрај тоа од електричното напојување ќе бидат исклучени и другите постројки кои не се од витално значење.

Со приклучувањето кон глобалната акција „Часот на планетата земја“, која годинава се одвива под мотото „Поврзи се со планетата“, УСЈЕ ќе заштеди над 10 MWh електрична енергија, што е приближно на количеството енергија неопходна за напојување на околу 20.000 светилки.

Годинава УСЈЕ, по десетти пат, се приклучува кон глобалната иницијатива „Часот на планетата Земја“. Преку досегашното учеството во оваа акција, остварена е заштеда на околу 100 MWh електрична енергија што е еднакво на просечната месечна потрошувачка на околу 200 домаќинства.

„Цементраница УСЈЕ во континуитет поддржува различни иницијативи чија цел е поголема свесност за потребата од заштита на животната средина. Компаниите имаат обврска да бидат дел од вакви иницијативи за да придонесат за менување на навиките, покажувајќи преку својот пример дека и во индустријата може да се применува принцип кој се стреми да биде во што поголем скалад со природата. Во индуструјата тоа е особено значајно, бидејќи само со постојано инвестирање во нови технологии можеме да зборуваме за одржлив развој на компаниите и на заедницата во целина. Остануваме посветени на овој принцип и во иднина“, истакна Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ.

Со остварената заштеда на електрична енергија Цементраница УСЈЕ придонесува во намалувањето на вкупните емисии на т.н. стакленички гасови во атмосферата, кои се посочуваат како еден од главните причинители на глобалното затоплување и климатските промени. Покрај тоа, УСЈЕ секоја година ги охрабрува и своите вработени, повикувајќи ги активно да се вклучат во акцијата „Часот на планетата Земја“, со тоа што ќе ја намалат потрошувачката на електрична енергија во своите домови.

Од декември 2008 година, Цементарница УСЈЕ е член на „Глобал Компакт“ договорот на Обединетите Нации. Со потпишување на овој договор, компанијата се обврза дека ќе ги почитува десетте клучни принципи за добро корпоративно управување, меѓу кои е и заштитата на животната средина. Дополнително, во 2014 година, Цементарница УСЈЕ целосно ги исполни сите обврски предвидени со А–Интегрираната Еколошката дозвола, а продолжи и со реализацијата на бројни општествено одговорни иницијативи во областа на животната средина. Токму за вложувањата во реализација на еден ваков проект со кој се обезбеди трајно намалување на емисиите на азотни оксиди (NOx) во воздухот, под законски утврдените граници, УСЈЕ ја доби и наградата за општествено одговорно делување во категоријата „Заштита на животната средина”, што ја доделува Министерството за економија на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.