Глувите и лицата со квадриплегија ќе добиваат помош од државата

Глувите и наглуви лица, од седми јануари, ќе добиваат посебен додаток во износ од 4.000 денари месечно, а лицата со квадриплегија по 7000 денари месечно, беше истакнато по денешната средба на премиерот Никола Груевски со претседателите на националните сојузи на глувите и на телесните инвалиди.

„Почнувајќи од јануари 2014 година новите права ќе имаат можност да ги користат тотално глувите лица и глувонемите лица, односно воведувањето на додаток за глувост од 4.000 денари месечно. Исто така и воведувањето на категоријата квадриплегија, односно овие лица ќе можат да го користат додатокот од 7.000 денари месечно. Тоа се тотално неподвижи лица чии што горни и долни екстремитети се неподвижни а досега не добиваа финансиска помош од државата преку додатокот за мобилност. Со измените на законите кои што ги направивме се предвидива ова ново право да се однесува и за лицата до квадриплегија“, рече министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, по денешната средба.

Спасов нагласи дека ќе има зголемување од 50 отсто на посебниот додаток ќе добијат и самохраните родители на деца со пречки во развојот, кои што ќе им помогнат во обезбедување на дополнителни средства за грижа на овие деца.

„Сите овие нови права претставуваат дополнителна грижа од страна на Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика за загрозените категории на граѓани и поконкретно во овој случај за самохраните родители на деца со пречки во развојот, за лицата болни од квадриплегија и исто така за глувонемите лица“, додаде ресорниот министер.