Годинава 22,3 милиони денари за реконструкција на средните училишта на Град Скопје

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска го посети средното училиште на Град Скопје „Георги Димитров“ каде што во текот на летниов распуст се врши реконструира фасадата на објектот.

Градот Скопје и годинава, во текот на летниот распуст, за да ги подобри условите во кои учат средношколците, ги реконструира објектите на средните училишта што се во негова надлежност. Ова лето градежни работи се изведуваат во 16 средни училишта, а Град Скопје за реализација на овој проект од буџетот издвои 22.326.063 денари. Во СУГС „Георги Димитров“  се реконструира фасадата на објектот, односно се врши завршна обработка на фасадните ѕидови со термоизолациона фасада  со стиропор со дебелина од 10 сантиметри, врз кој ќе се нанесе фасаден декоративен малтер. Вкупната површина на фасадата на училиштето е 2.032 квадратни метри.Со реконструкцијата на фасадата на СУГС „Георги Димитров“ ќе се подобрат енергетските карактеристики на објектот. За овој зафат Градот Скопје од буџетот издвои околу 5 милиони денари. Во изминатите години во ова средно училиште беше заменет покривот, подовите во училниците, прозорците, а исто така се изврши и гасификација на објектот. Во текот на изминатите години, односно од 2009 година до 2015 година, Градот Скопје за реконструкција и санација на средните училишта од Буџетот има издвоено околу 230 милиони денари, и со тоа ги подобривме условите за работа и за учење и на учениците и на наставниот кадар, истакна градоначалникот Трајановски.

Директорот на СУГС „Георги Димитров“, Саша Стоименов нагласи дека и претходните години се извршувале многубројни градежни зафати во училиштето коишто ги подобриле условите за работа и придонеле за намалување на трошоците. Тој нагласи дека со гасификацијата на објектот имаат зашеда за греење до 50 отсто, а се надева дека со новата фасада, објектот ќе биде енергетски ефикасен и ќе имааат заштеда од 60 до 70 отсто.

Rekonstrukcija na fasada na SUGS Georgi Dimitrov (6)

Според планот за работа во текот на летниот распуст во СУГС „Никола Карев“  се реконструира фискултурната сала; во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ се реконструира подот во фискултурната сала; во СУГС „Јосип Броз- Тито“ се заменува внатрешната столарија; во СУГС „Орце Николов“ се работи на реконструкција на санитарните јазли; во СУГС„ Васил Антевски Дрен“ се работи на реконструкција на прозорците; во СУГС „Марија Склодовска Кири“ се врши реконструкција на подот во училниците; во СУГС „Димитар Влахов“ се врши реконструкција на спортски терен; во СУГС „Браќа Миладиновци“ се работи на реконструкција на дворната површина во училиштето; во СУГС „Боро Петрушевски“ се заменува стариот покрив со ребраст лим на помошен објект- работилница; во СУГС „Зеф Љуш Марку“ се врши санација на покривот; во СУГС „Цветан Димов“ се реконструираат санитарните јазли; а во СУГС „Арсени Јовков“, СУГС „8 Септември“,  СУГС „Здравко Цветковски“ и  во СУГС „Лазар Танев“ се реконструираат подовите во училиштата.

Rekonstrukcija na fasada na SUGS Georgi Dimitrov (5)Градежните зафати за реконструкција на објектите и на спортските сали на средните училишта на Град Скопје ќе придонесат за исполнување на стандардите за енергетска ефикасност и значително ќе ги подобрат функционалноста и изгледот на училишните објекти.