Гробиштата Бутел добија атмосферска канализација

За да се овозможи ефикасно одведување на атмосферските води од гробиштата „Бутел“ и да се спречи поплавувањето на дел од гробиштата, екипи на Град Скопје изградија нова атмосферска канализациска мрежа по должината на улицата Александар Урдаревски.

На вкупна должина од 1.800 метри по должината на улицата Александар Урдаревски, од крстосницата на улицата Александар Урдаревски со улицата Бутелска до средината на гробиштата, покрај патот, беше изведен ископ на длабочина од 2 до 4 метри и ширина од 1,6 до 1,8 метри во кој беа поставени полипропиленски цевки со профил од 800, 400 и 300 милиметри. Цевките беа поврзани на постојната мрежа од гробиштата Бутел.

Во текот на градежните работи за изведба на новата атмосферска мрежа во коритото на реката Серава е изведена армирано бетонска шахта со поголем испуст што овозможува атмосферската вода од мрежата непречено да се влева во реката Серава.

Беше извршена и санација на насипот пред гробиштата.

Изградбата на новата атмосферска канализациска мрежа по должината на улицата Александар Урдаревски се одвиваше во три фази. Во овој градежен зафат, кој ги реши долгогодишните проблеми со собирањето на атмосферските води, Градот Скопје вложи околу 21 милион денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.