Груевски: Пресовите на СЈО личат на политички настапи, без докази со однапред подготвени флоскули

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервју за порталот Телеграф.мк, вели дека кога станува збор за СЈО, не гледа правични и професионални стандарди.

На прашањето каде и како го препознава ова за кое зборува за СЈО, Груевски вели:

Еве, нема да се занимавам со инсинуации и со аферите што го следат работењето на СЈО, ќе се задржам на неспорните факти. Најпрвин, најголемиот дел од тие обвинители со висок степен на омраза говорат и се однесуваат кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ, нивните прес-конференции личат на политички настапи, со огромна доза на театар, без докази, со однапред подготвени флоскули од нивна страна, веќе се прогласени за виновни луѓе за кои воопшто нема покренато ниту обвинение, а уште помалку да се изјаснил судот. Нивните активности се апсолутно селективни и се насочени единствено кон една политичка партија, кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Сите бевме сведоци на тоа како претседателот на СДСМ јавно во медиумите во неколку наврати ги најавуваше следните нивни чекори и активности, и потоа СЈО буквално постапуваше согласно тие најави.

Сите го видовме ова преку медиумите. Тоа зборува и за нивна тесна поврзаност, координираност и давање инструкции од една политичка партија, а тоа е СДСМ. Како да верува некој во тие луѓе, за кои сите мислевме дека ќе се непристрасни и неутрални.

Од она што го дознавам од раководни лица во институциите, освен што се однесуваат крајно арогантно, тие континуирано се служат со закани, и кон раководните луѓе во институциите и кон потенцијалните сведоци.

На многу од сведоците им велеле дека ако не прифатат да кажат и да потврдат онака како што бараат од нив, ќе заглават во затвор. Нешто слично како во 1949 година во Македонија, кога тогашната УДБА користеше такви методи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.