Груевски: „Ван Хол“ ќе вработи 600 лица

Белгиската компанија „Ван Хол“ денеска официјално го означи почетокот на работата на вториот капацитет.

Премиерот Никола Груевски на официјалното отпочнување со работа на вториот капацитет на „Ван Хол“ изјави дека инвестицијата на „Ван Хол“ во Македонија е прва надвор од границите на Белгија.

„Оваа инвестиција е од огромно значење за Република Македонија, која инвестираше околу 25 милиони долари и вработи над 430 граѓани од Македонија. За неполна година оваа бројка ќе расте и ќе достигне до околу 600 вработени“, изјави Груевски.

Тој додаде дека досега се произведени вкупно 140 автобуси во компанијата на „Ван Хол“ во Македонија, а околу 70 се во фаза на производство, потенцирајќи дека моментално започнал да се произведува 210-тиот автобус.

Директорот на компанијата Филип ван Хол, истакна дека во вториот квартал во годината ќе почнат да се произведуваат нови производи, овојпат наменети за европскиот пазар, за разлика од досегашните, кои се извезуваа во Америка.

Новиот капацитет на „Ван Хол“ се простира на површина од 37.000 метри квадратни и претставува втора најголема фабрика во Македонија.

Капацитетот на Ван Хол е прв од фабриките во македонските индустриски зони кој произведува конечен готов производ, а оди под брендот „произведено во Македонија“. Голем дел од производниот процес веќе вклучува компоненти од македонско производство.

Ван Хол е семејна компанија од Белгија, формирана во 1947 година. Произведува градски и меѓуградски автобуси, како и индустриски возила. Има повеќе од 4.000 вработени во светот и остварува преку 450 милиони евра годишен обрт. Над 80 отсто од производството на Ван Хол е наменето за извоз.