Хет-трик и асистенција на Меси во победата на Аргентина над Хаити

Панама, пак, во Русија ќе дебитира меѓу најдобрите светски репрезентација, а за ривалите во Групата Г ги доби Белгија, Тунис и Англија.

Фудбалерите на Аргентина ја совладаа селекцијата на Хаити со 4:0 (1:0) во пријателски натпревар одигран на стадионот на Бока Јуниорс во Буенос Аирес, а капитенот на домашната репрезентација Лионел Меси ги постигна првите три гола и му асистираше на Серхио Агуеро за четвртиот.

Аргентинците по првите 45 минути водеа само со 1:0 бпагодарејќи на голот на Меси од пенал во 17 минута. Меѓутоа, јасно беше дека е само прашање на време кога ќе попушти одбраната на 108-та репрезентација на табелата на ФИФА.

Тоа се случи во 58 минута кога Меси натрча на одбиена топка и од неколку метри ја спроведе во мрежата. Во 66 минута Павон се проби меѓу неколку играчи на Хаити по левата страна и идеално го проигра Меси на спротивната статива, кој лесно поентираше. Само три минути подоцна Меси асистираше забележувајќи го втрчувањето на Агуеро кому му испрати идеална топка, а напаѓачот на Манчестер Сити рутинирано ја спроведе во мрежата.

Аргентина очекувано беше надмоќна и речиси целиот меч го имаше поседот на топката, а од 21 удар кон голот на Хаити, 11 завршија во рамката. Гостите, пак, имаа само еден удар кон противничкиот гол, но и тој не бараше интервенција од Кабаљеро.

На синоќешниот дуел 33-годишниот Хавиер Маскерано го одигра 143-от меч за аргентинската селекција и така стана нов рекордер според бројот настапи за националниот тим, надминувајќи го Хавиер Занети.

„Поважно од резултот е тоа што се простивме од своите навивачи и покажавме дека во Русија заминуваме со надеж. Не одиме таму како фаворити, бидејќи се мачевме во квалификациите, но добро трениравме и убеден сум дека сите ќе го дадат својот максимум“, изјави Меси по мечот кој беше последна проверка на репрезентацијата пред заминувањето на завршниот дел од подготовките за Мундијалот, кој избраниците на Хорхе Сампаоли ќе го одрботат во Барселона.

До почетокот на првенството во Русија, Аргентина ќе одигра уште еден непријателски натпревар против Ираел, на 9-то јуни во Ерусалим.

Првиот меч на Светското првенство Аргетина ќе го одигра на 16-ти јуни против Исланд во Москва. Против Хрватска ќе игра на 21-ви јуни во Нижни Новгород, а на 26-ти јуни групната фаза ќе ја заврши во Санкт Петербург во дуелот со Нигерија.

Во другите подготвително натпревари играни изминатата ноќ Перу со 2:0 ја победи Шкотска, на мечот кој се одигра на Националниот стадион во Лима, додека Панама и Северна Ирска во Панама Сити одиграа без голови.

Перуанците ги совладаа Шкотите со погодоците ја Кристијано Куева од пенал во 37 минута, и на Џеферсон Фарфан во 47 минута.

Перу во Русија ќе игра во Групата Ц со Франција, Австралија и Данска. Ова ќе биде петто учество на оваа латиноамериканска земја на светските првенства, а прво по 36 години.