Хирошима се подготвува за самитот на Г7

Лидерите на Г7 пристигнуваат денеска во Хирошима каде од утре до сабота ќе одржат самит на кој ќе разговараат за построги санкции кон Русија и заштитата од кинеската „економска принуда“.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида ќе биде домаќин на лидерите на шесте други најбогати земји, во неговиот роден град – град синоним за нуклеарно уништување.

Во текот на следните три дена, лидерите, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден, ќе се обидат да формираат обединет фронт за Русија, Кина и ќе разговараат за уште многу други неодложни прашања во кои интересите на сојузниците не се секогаш усогласени.

Сепак, во фокусот на разговорите ќе биде руската 15-месечна инвазија врз Украина.

– Ќе има дискусии за состојбата на фронтот, изјави американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.