Идентификуван американскиот војник кој беше уапсен во Северна Кореја: Намерно ја преминал границата

Американскиот војник Тревис Кинг ја преминал демаркационата линија меѓу Јужна и Северна Кореја, по што бил уапсен. Ова е првпат по децении американски војник да биде во притвор во Северна Кореја. Американските медиуми велат дека тоа би можело да предизвика вистинска дипломатска главоболка за САД, бидејќи тие, заедно со нивниот сојузник Јужна Кореја, се обидуваат да извршат притисок врз Пјонгјанг додека изолираната земја лансира балистички ракети. Се верува дека Кинг е првиот американски војник кој преминал во Северна Кореја од 1982 година.

Американските воени претставници велат дека Тревис Кинг намерно и неовластено преминал во Северна Кореја додека бил на обиколка на демилитаризираната зона што ги дели северот и југот на полуостровот од крајот на Корејската војна во 1953 година.

„Веруваме дека тој моментално е во притвор (Демократска Народна Република Кореја) и работиме со нашите колеги (Корејската народна армија) за да го решиме овој инцидент“, рече портпаролот на американските сили за Кореја, полковник Исак Тејлор.

Командата на Обединетите нации, која ги надгледува операциите во демилитаризираната зона, соопшти дека работи со „колегите од (Северно) Корејската народна армија за да се реши овој инцидент.

Еден од туристите што ја обиколил демилитаризираната зона со Кинг рече дека биле во посета на зграда во селото Панмунџом кога Тревис гласно се насмеал и само втрчал меѓу некои згради.

„Најпрво мислев дека тоа е лоша шега, но кога не се врати, сфатив дека не е. Тогаш сите реагираа и настана хаос”, велат очевидци.

Американските власти не кажаа колку долго Кинг бил во Јужна Кореја, но во еден момент тој се соочил со дисциплински мерки за напад и поминал 50 дена во притвор. Не е познато дали бил во притвор во Јужна Кореја или во американски воен притвор, но според американските официјални лица, во одреден момент по неговото ослободување бил придружуван до аеродромот на лет назад за САД.

На аеродромот, придружбата на Кинг не можела да помине низ безбедносен контролен пункт со него, а во одреден момент потоа тој го напуштил аеродромот и отишол на обиколка на Заедничката безбедносна област.

Кинг сега е во рацете на режим кој САД го сметаат за главен непријател и не е сигурно каков вид воено разузнавање би можел да му достави на Пјонгјанг. Најверојатно немал пристап до информации од највисоко ниво, но како припадник на американската војска можел да зборува за распоредот на базите, како и за тоа кои единици се наоѓаат каде и колку војници има таму.

Неколку американски војници пребегнаа во Северна Кореја во децениите по крајот на Корејската војна, но тоа не се случи неодамна. Сепак, имало неодамнешни случаи на американски државјани кои биле држени во заробеништво во Северна Кореја или притворени, понекогаш долги временски периоди, додека американските власти се обидувале да обезбедат нивно ослободување.

Засега не е јасно кои биле намерите на Кинг.