Исламистички лидер ќе биде егзекутиран во Бангладеш

Врховниот суд на Бангладеш ја потврди смртната казна на исламскиот лидер Абдул Кадер Мулла. Судиите претходно ја отфрлија неговата жалба.

Егзекуцијата беше планирана да биде извршена во вторникот, но потоа се одложи. Нов датум за нејзиното спроведување се’ уште не е одреден.

Мулла беше осуден во февруари за злосторства против човештвото, извршени за време на војната за независност на Бангладеш од Пакистан во 1971 година. Мула кој е висок лидер на партијата „Џамаат – е – Ислами“, ги негирал обвинувањата, велејќи дека процесот е политички мотивиран.

„Нема никакви правни пречки за спроведување на егзекуцијата“, изјавилглавниот обвинител на Бангладеш за „АФП“.

Главниот обвинител уште истакнал дека се исцрпени сите можности за жалба од страна на Мулла, бидејќи тој немал и никакво право да бара милост од претседателот. Сепак неговите адвокати и оспориле тврдењата на јавниот обвинител.

Судењето Мулла, претходно оваа година предизвика протести од страна на приврзаници на „Џамаат – е – Ислами“. Тие ја обвинуваат Владата дека процесот против него е политичка одмазда, што доведе до сместување во затвор на неколку од лидерите на исламистичката партија.

Мулла е еден од петте исламски лидери осудени на смрт од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за Бангладеш, што беше формиран во 2010 година, за да ги испита злосторствата извршени за време на конфликтот во 1971 година, во кој по некои проценки загинале повеќе од три милиони лица.

Мулла првично беше осуден на доживотен затвор за убиството на невооружени цивили и интелектуалци во едно од предградијата на главниот град Дака.

Илјадници демонстранти излегоа на улиците со барања за смртна казна, што го натера Парламентот да го измени законот, со што овозможи државата да ја обжалува секоја одлука на Трибуналот за воени злосторства.

Засега никој од осудените не е егзекутиран.